ПАЛЕВСКИ ГИ НАТЕРАЛ ДРУГИТЕ ОБВИНЕТИ ДА ИСКОПААТ ДУПКИ НАД ВЕЛЕС ЗА КИДНАПИРАЊЕ ЛУЃЕ, ЗА ДА ГИ СТАВААТ ВНАТРЕ СО ВРЗАНИ ТЕГОВИ НА НОЗЕТЕ, СВЕДОЧИ ВЕЛИБОР МАНЕВ

    ПАЛЕВСКИ ГИ НАТЕРАЛ ДРУГИТЕ ОБВИНЕТИ ДА ИСКОПААТ ДУПКИ НАД ВЕЛЕС ЗА КИДНАПИРАЊЕ ЛУЃЕ, ЗА ДА ГИ СТАВААТ ВНАТРЕ СО ВРЗАНИ ТЕГОВИ НА НОЗЕТЕ, СВЕДОЧИ ВЕЛИБОР МАНЕВОбвинетиот Велибор Манев во судница во Основниот кривичен суд Скопје. (Фото: СДК.МК)

    На судењето за грабнувањата и убиствата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска денеска прв од обвинетите сведочеше Велибор Манев од Велес и тој пред судот и пред целата јавност признава сè.

    „Сите обвинети ги познавам. Со Боре се знам уште од дете, од основно училиште. Живееме добро, проблеми со него не сме имале. Со Љупчо Палевски се познаваме од 2018 година. Тој имаше потреба од набљудувачи за избори. Му пристапив в канцеларија за тоа, но потоа и како член на тогашното движење ‘Трета’. Со Влатко Кешишев се знам скоро 4 години. Човекот дојде во тогашната канцеларија на ‘Трета’, како готвач, како домаќин на канцелариите. Му готвеше на Љупчо Палевски. Тој е тука зашто му ја даде довербата на Палевски. Му готвеше, му служеше 2 години, без никаква надокнада“, сведочеше Манев.

    За Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кажа дека не го познава.

    „Го познавав Панче Жежовски. Му работев на куќата пред 19 години. Тој не ми плати за завршената работа. Бараше сечени камења, клесани камења да му редам пред вратата, едни од најскапите, ми остана должен 1.500 евра. Се скаравме, му ги искорнав 12-те квадрати што му ги наредив. Полицијата кажа не смеам така да се однесувам, дигнав раце. Уште еднаш отидов во неговата фризерница да си ги барам парите што ми ги борчи, ме избрка. Баталив и пари и се”, одговараше Манев.

    „Кој ги однесе до дупките во Рудник?“, праша неговиот адвокат.

    „Јас“, одговори обвинетиот.

    „Кој ги ископа дупките?“, беше следното прашање.

    „Јас и Кешишев“, одговори Манев.

    На прашање „Зошто?“, тој одговори: „Да се чуваат жртвите и кога ќе се изврши нападот, жртвите да се пуштат. Прво требаше Панче да биде грабнат, врзан за ногата со тег, да се пушти во земуницата. Неговото возило да се искористи за грабнување жена особа на 38-40 годишна возраст. Кога ќе се грабне таа, Панче да се извади од земуницата, да се стави жената додека се врши нападот“.

    Дупките, налик на бунари, биле ископани уште 2022 година.

    „Со кого беше договарано грабнувањето на Панче?“, праша адвокатот.

    „Да се вратам наназад. Првично баравме објект за чување на жртвите. Палевски ми рече да го оставам мобилниот и да прошетаме. Ми кажа дека објект тешко може да се најде, подобро е да се ископаат дупки. Ја напраивме земуницата, ја остаивме самата природа да ја замаскира. За грабнувањето, Палевски бараше неевидентирана, крадена кола, за да го извршиме грабнувањето на жената. Не најдовме таква кола, па баравме пензионер со кола, кој потоа би бил пуштен. Во разговор, кажав за неплатениот борч на Панче Жежовски. Му кажав оти имам еден таков што ме зафркнал, што ми го зел лебот и дека него може да го искористиме“, сведочеше Манев.

    „Кои други лица се приклучија со вас двајца да се реализира грабнувањето на Панче Жежовски?“, праша адвокатот.

    „Првично бевме јас, Палчо и Влатко, ни фалеше уште еден човек. Боре ми беше близок. Му кажав да оди да разговара со Палчо, ако сака да ни се приклучи во групата.

    „Кога и како го грабнавте Панче Жежовски?“, праша адвокатот понатаму. Судењето е во тек.

    Обвинети за киднапирањата и убиствата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска се Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира