ПАПАТА ФРАЊО ЌЕ СЕ ВОЗИ ВО СКОПЈЕ ВО ПАПАМОБИЛ АКО ВРЕМЕТО БИДЕ УБАВО

    ПАПАТА ФРАЊО ЌЕ СЕ ВОЗИ ВО СКОПЈЕ ВО ПАПАМОБИЛ АКО ВРЕМЕТО БИДЕ УБАВОПремиерот Зоран Заев кажа дека посетата на папата Фрањо е огромна чест за нашата земја и за нејзина афирмација. Од прес конференцијата пред Спомен домот на Мајка Тереза (Фото:К.Попов)

    Специјалното возило познато како „папамобил“ ќе се користи при постетата на папата Фрањо на 7 мај годинава, доколку тоа го дозволат временските услови, кажа Виктор Димовски државниот секретар од Министерството за надворешни работи на прес конференцијата по повод претстојната посета на папата.

    Димовски, кој е шеф на Координативното тело на Владата за организација на посетата на папата, рече дека за сите што ќе сакаат да присуствуваат на светата литургија, која ќе се оддржи на плоштадот влезот ќе биде отворен од 6 часот наутро до 9 часот, а за околу 15.000 најавени посетители, обезбедени се 2.000 места за седење. Литургијата е закажана за 11.30 часот.

    Католичката црква при издавање на бесплатните билети за следење на светата литургија ќе внимава на повозрасните граѓани да им даде билети со места за седење, и дека на неколку пункта околу плоштадот ќе може да се земе вода.

    Премиерот Зоран Заев кој се појави на прес конференцијата пред Спомен домот на Мајка Тереза кажа дека посетата на папата Фрањо е огромна чест за нашата земја и за нејзина афирмација, а посетата има уште големо значење и затоа што се навршуваат 25 години од воспоставување на дипломатските односи со Ватикан.

    „Оваа посета ја гледам како подавање рака, како наше охрабрување да си помагаме, да бидеме подобри луѓе, да гледаме позитивно на работите. Освен што е огромна чест, е и предизвик да докажаме дека сме добри домаќини, како и што сме добри домаќини и верувам дека граѓаните ќе бидат масовно присутни тука“, рече Заев.

    Бискупот на католичката црква во земјава Киро Стојанов кажа дека оваа посета е значајна и за понатамошен развој на добрите билатерални односи меѓу двете држави, културни, верски и општествени.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира