Паркирањето на Клиничкиот центар „Мајка Тереза “ во Скопје ќе поскапи од 30 на 50 денари за 1 час, кажа денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Призма вчера објави дека компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар во Скопје. Таравари за БИРН потврдил дека оваа албанска фирма со јавно-приватно партнерство ќе стопанисува со паркингот во наредните 20 години.
На огласот, кој беше распишан на 15 ноември се јавила само „Ѓока констракшн“, која е формирана во Тирана во 1994 година, од 2022 има регистрирано подружница и во Скопје.
Таравари денеска кажа дека договорот сѐ уште не е потпишан, дека треба да поминат уште неколку филтри, но дека, ако има големи реакции во јавноста, или Владата не го одобри, тогаш нема да се потпише.
Доколку се потпише, Таравари смета дека во рок од 6 месеци до една година треба да се изградат катните гаражи.
„Морам да кажам дека не се однесува договорот за 20 години, туку услов во договорот е дека фирмата која ќе го добие тендерот ќе стопанисува со паркингот додека е на тоа место Клиничкиот центар. Јас не верувам дека повеќе од 7-8, еве и 10 години таму ќе остане Клинички. Затоа и немаше интерес од компаниите, да беше на подолг рок ќе се пријавеа повеќе“, рече денеска Таравари, одговорајќи на настан за промовирање на реновиран спрат на Инфективната клиника.
На новинарски прашања за висината на цената, министерот рече дека смета оти 50 денари е пристојна цена.
„Сметам дека не е цена која е многу висока. Паркирањето во ‘Рамстор’ чини 60 денари, а кај ‘Нова Македонија’ 40 денари. Има места во Скопје каде паркирање чини по 100, 150 денари од час“, кажа министерот, на што реагираа новинарите дека пациентите не одат за шетање на Клинички.
Приватниот партнер треба да изгради две катни монтажни гаражи, да стопанисува со целиот паркинг на Клиничкиот центар, а за возврат државата да добие еден отсто од вкупните остварени годишни приходи.
Според проценката на Министерството за здравство, инвестицијата би го чинела концесионерот нешто над десет милиони евра. Моментно, на Клиничкиот центар има 800 паркинг места, а со двете катни гаражи би се добиле уште 800 до 900.
„Ѓока констракшн“ во Албанија со години добива големи тендери. Еден од нив е изградбата на автопатот кој треба да го поврзе Дебар со Тирана. Покрај со градежништвото, семејството Ѓока има компании поврзани со енергетскиот бизнис.
- КОМПАНИЈАТА „ЃОКА“ ОД АЛБАНИЈА ЌЕ СТОПАНИСУВА СО ПАРКИНГОТ НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ВО НАРЕДНИТЕ 20 ГОДИНИ
Б. НЕСТОРОСКА