Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) потрврди дека на Клиниката за кардиохирургија еден месец не работи ангиографската сала, а нема ни стент-графтови. Како што објави „Слободен печат“, ДЗСИ ова го утврдил откако вчера помина часови во надзор во здравствената установа од стратешки интерес за државата, а каде на 9 април почина 57-годишниот Тони Ангелковски на кого му требала итна реконструкција на аортата која му била разлистена, но не ја добил. Инспекцијата ги потврди тврдењата на семејството – ангиографската сала што му била потребна на пациентот не работела еден месец и на клиниката немало стент-графтови (медицинскиот материјал што требало да се вгради). Ангиографската сала ќе биде затворена барем до 15 мај, до кога на Кардиохирургија ќе нема ни стентови за торакално-ендоваскуларна аортна реконструкција.
ДСЗИ бара министерот за здравство Арбен Таравари да формира стручна комисија за надзор за да се испита стручното работење на здравствените работници. Здравствената евиденција за пациентот на Кардиохирургија ја воделе уредно, ама за нивното стручно постапување ќе одлучи комисијата што допрва ќе биде формирана од Таравари. Од инспекцијата е евидентно дека на Кардиохирургија, каде Ангелковски бил примен на интензивна нега, успеале да му го спуштат високиот крвен притисок кој му бил 270 со 150 и да му дадат терапија од која му се намалиле болките во грбот и градите.
Со оглед на тоа што веќе бил дијагностициран во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ со дисекција на торакоабдоминалната аорта („Стенфорд тип Б“) од Кардиохирургија консултирале васкуларен хирург. И тука настанува голем проблем, бидејќи процедурата за третман на Ангелковски, на државна Кардиохирургија не можело да се изведе поради немање материјали (стент-графтови за таква интервенција), а немале ни ангиографска сала во која единствено може да се изведе таква интервенција. Салата се реновирала и во неа се поставувал компјутер дури еден месец пред да дојде Ангелковски. Како што немало сала и стентови на Кардиохирургија, ги немало ни на Торакалната клиника. Пациентот почина.
Дополнително, во „8 Септември“ не знаеле дека на Кардиохирургија ангиографската сала се реновира и го испратиле итниот пациент таму. Тоа зборува за некоординираност меѓу јавно-здравствените установи која може да чини човечки животи.
Во декурзус и отпусно писмо стои евидентирано дека една од процедурите која била во опција за третман на пациентот е TEVAR,- торакална ендоваскуларна аортна реконструкција но во моментот на клиниката имало недостаток на стентови за таква интервенција а ангиографската сала во која се извдуваат такви интервенции е во градежен зафат заради поставување компјутер. Поради причините наведени погоре, издаден е упат за ЈЗУ УК за за Торакална и васкуларна хирургија Скопје, но добиен е извештај дека кај нив нема можност за изведување на ендоваскуларен третман поради поправка на дел од ангиографот, а и не се изведуваат интервенции на торакална аорта туку само васкуларни процедури на абдоминална аорта, а уште повеќе што не располагале ниту со TEVAR стент графтови, наведуваат од Државниот здравствен и санитарен инспекторат во информацијата по извршената инспекција.
Министерот за здравство Арбен Таравари вчера изјави дека „имало сала на Кардиохирургија“, а денеска дека „допрва ќе го прочита извештајот од ДСЗИ“. Во самиот извештај на ДСЗИ пишува дека сала немало и нема да ја има најмалку до 15 мај.
„Уште еднаш ќе повторам, аневризма на аорта е сериозна дијагноза. Уште не сум го прочитал извештајот од ДСЗИ, сега одам во Министерство за здравство да го видам извештајот. Ќе треба да има и стручна комисија веднаш, да се констатира. Според моите информации едната сала работела“, рече денеска Таравари.
Но зошто за така сериозна дијагноза нема сала и стентови на Државна Кардиохирургија и кој е должен да го обезбеди тоа? Ако дојде денеска пациент со таква дијагноза, каде ќе се оперира?
„Одговорност ќе има, ако имало пропусти“, рече Таравари.