ПЕКАРИТЕ МОРА ДА ПРОИЗВЕДУВААТ И НОСАТ БЕЛ ЛЕБ, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    ПЕКАРИТЕ МОРА ДА ПРОИЗВЕДУВААТ И НОСАТ БЕЛ ЛЕБ, ОДЛУЧИ ВЛАДАТАВо продавниците нема бел и полубел леб, откако Владата на 28 февруари ја замрзна цената на 33 денари, а трговците решија да не го произведуваат и да не го носат. (Фото: СДК.МК)

    Производителите на леб мора да го произведуваат и продаваат белиот леб, стои во одлуката за определување обврска која ја донесе Владата синоќа, донесена по предлог на Министерството за економија. Во продавниците нема бел и полубел леб, откако Владата на 28 февруари ја замрзна цената на 33 денари, а трговците решија да не го произведуваат и да не го носат.

    Со одлуката, се определува обврска на трговците кои претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, како и трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење на производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, да прибавуваат и/или да продаваат леб бел и полубел (сечен на парчиња или цел).

    Трговците кои претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, согласно владината одлука, имаат обврска во структурата на дневната набавка на сите видови леб, да прибавуваат и да продаваат најмалку 80 проценти од белиот и полубелиот леб (сечен на парчиња или цел).

    Трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, имаат обврска да го произведуваат и да го ставаат во промет белиот или полубелиот леб (сечен на парчиња или цел), во количина од најмалку 80 проценти од производството на овој леб во декември 2022.

    Трговците посочени во оваа одлука, за испорачаните видови леб посочени во оваа одлука, на производителот на лебот, треба да му платат најдоцна во рок од 20 дена од денот на приемот на фактурата за испорачаниот леб.

    Одлуката е на сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а е предвидено да се применува до 31 мај 2023.

    Претставници на пекарската индустрија за МИА изјавија дека денеска во Стопанската комора ќе има прес-конференција на која ќе го соопштат ставот за последната одлука на Владата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира