ПЕНДАРОВСКИ ГО ЕКИПИРАШЕ КАБИНЕТОТ, НЕМА ДА ИЗБРКА ОД РАБОТА НИКОГО ОД ВРАБОТЕНИТЕ НА ИВАНОВ

    ПЕНДАРОВСКИ ГО ЕКИПИРАШЕ КАБИНЕТОТ, НЕМА ДА ИЗБРКА ОД РАБОТА НИКОГО ОД ВРАБОТЕНИТЕ НА ИВАНОВПо преземањето на функцијата од неговиот претходник Ѓорге Иванов затекнал 61 вработен.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Претседателот Стево Пендаровски нема да избрка ниту еден од вработените лица во кабинетот. По преземањето на функцијата од неговиот претходник Ѓорге Иванов затекнал 61 вработен, што според него е многу повеќе од времето кога бил советник кај претседателот Борис Трајковски.

    „Иако бројката е многу поголема од времето која јас бев дел од претседателскиот кабинет, нема да избркам од работа ниту едно лице. Нема да бркам никого од политички причини, ниту го имам тоа право. Доколку одредени лица сакаат да заминат со префрлување во друга институција, тоа можат да го направат. Досега оставка даде Борис Јосифовски кој беше генерален секретар на кабинетот на Иванов, кој во иднина ќе работи во канцеларијата на Иванов. Уште две лица имаат најавено заминување“, рече денеска претседателот Стево Пендаровски на брифинг со новинарите.

    Пендаровски го најави и неговиот тим со кој ќе работи во наредните 5 години како претседател на земјава. Како што и самиот најави, генерален секретар во кабинетот ќе биде досегашниот владин портпарол Миле Бошњаковски. Блерим Кољали, кој досега беше политички советник во Мисијата на НАТО во Скопје, ќе биде советник за национална безбедност, поранешниот амбасадор Гоце Карајанов е советник за надворешна политика. Советници во кабинетот ќе бидат и професорот Александар Спасов и Тоше Зафоров. Љуљета Адеми ќе биде задолжена за односи со лицата со посебни потреби. Билјана Радева, која досега работеше во службата за комуникации во Британската амбасада, ќе биде советничка за односи со јавност, а Катерина Цаневска советник за медиуми.

    Надворешни советници на претседателот Пендаровски ќе бидат професорот Денко Малевски, поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Мирјана Лазарова-Трајковска, професорката Беса Арифи, поранешниот министер Александар Димитров и поранешниот амбасадор Александар Тавчиовски.

    Пендаровски му понудил дел на претседателскиот кандидат Блерим Река да биде дел од надворешните совеници, но тој ја одбил понудата.

    Пендаровски денеска постави и нов директор на Агенцијата за разузнавање. На местото на Зоран Иванов именуван е Ерол Муслиу.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира