Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема да дојде на Мечкин Камен на прославата на 2 август во 18 часот, зашто традиционално на Илинден е во струшкото село Ташмаруништа.
На изменетата концепција на прославување во Крушево на Мечкин Камен, што ја најави вчера претседателот Стево Пендаровски, засега известиле дека сигурно ќе дојдат: лидерот на ДУИ Али Ахмети, на ГРОМ Стевчо Јакимовски и на СДСМ Зоран Заев, кој дента ќе зборува во Пелинце.
Зијадин Села, лидер на Алијанса за Албанците, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека е во странство и дека ќе гледа да дојде.
„Јас сум надвор од државата, но ќе гледам да дојдам. Ќе бидете информирани дали и кој ќе присуствува од Алијанса за Албанците“, вели Села.
Пендаровски кажа дека на овој чекор се одлучил за да нема разединување и поделби како што обично бидува на 2 август на Мечкин Камен, туку на ова место на тој ден политичарите да се обединат. Тој ќе има кратко видеообраќање место долг говор, а целиот простор ќе им биде отстапен на „Танец“, Влатко Стефановски и други културно-уметнички дејци.
С. К. ДЕЛЕВСКА