Собранието денеска едногласно со 73 гласа „за“ ги донесе дополнувањата на Законот за работно ангажирање на лица, со кои се овозможува да работат пензионери, студенти и странци. Со дополнувањата на законот, работно ангажирано лице може да биде лице кое не е во работен однос, вработено лице, самовработено лице, лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос, студенти, корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот, како и странец кој има регулиран престој согласно закон.
Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека со овој закон се регулира дополнителната и сезонската работа во државата, а лицата кои ќе бидат ангажирани по овој однос нема да ги загубат стекнатите права по другите односи. Законското решение, додаде, ќе биде поддржано со грант од 200 илјади евра од германска институција.
„Од него сите ќе имаат полза и државата која ќе го полни буџетот, работодавачите кои ќе можат да најдат вработени и граѓаните кои ќе имаат можност да работат и да бидат платени и да се ангажираат во делот што го сакаат. Предност ќе имаат угостителството, земјоделството и услужната дејност кои имаат недостаток на вработени, а доколку ги прошириме дејностите може да се направи дисбаланс на пазарот на трудот. Ќе можат да работат студенти, пензионери, социјално загрозени лица, на кои согласно закон не им се прекинува правото кое го имаат на пензија, на социјална помош, на студирање, а ќе може да бидат ангажирани и средношколци“, рече Стојаноски.
Со дополнувањата на законот се предвидува придонесите за пензиско и здравствено осигурување да ги плаќа државата. На овој начин се очекува 30 илјади лица да бидат ставени во системот.