Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) доби уште еден професионален пилот, а од Министерството за финансии има согласност за вработување на уште два пилота на противпожарните „ер-трактори“, соопшти директорот Стојанче Ангелов.
Во ДЗС доаѓа пензионираниот армиски полковник Роберт Малезански, воен пилот кој во својата кариера има управувано и дејствувано со различни типови на летала меѓу кои и борбени авиони „галеб“, „супер галеб“, „миг“ 21, „сухој“ 25 и борбени хеликоптери „ми 17“ и „ми 24“ како и со различни типови спортски авиони.
„Во неговата армиска кариера, Малезански, има извршувано повеќе должности вклучително и командант на Воздухопловниот ВИНГ на Армијата. Истовремено е инструктор за летање и пробен пилот. Во договор со директорот Стојанче Ангелов, пензионираниот полковник Роберт Малезански прифати да ја прекине воената пензија и професионално да се вработи во ДЗС како раководител на авио-одделението, пилот и дел од најтесниот кабинет на директорот Ангелов“, соопштија од ДЗС.
Заедно со полковник Малезански, ДЗС има петмина пилоти од коишто тројца се професионално вработени во авио-одделението на ДЗС и двајца пензионирани пилота се со договор на дело.
Од Дирекцијата додаваат дека огласот за вработување ќе биде објавен дополнително.
Б. НЕСТОРОСКА



