ПЕТ ПРЕДВРЕМЕНО РОДЕНИ БЕБИЊА ПОЧИНАЛЕ НА ГИНЕКОЛОШКАТА КЛИНИКА, МАЈКИТЕ СЕ НЕГАТИВНИ НА КОВИД-19

    ПЕТ ПРЕДВРЕМЕНО РОДЕНИ БЕБИЊА ПОЧИНАЛЕ НА ГИНЕКОЛОШКАТА КЛИНИКА, МАЈКИТЕ СЕ НЕГАТИВНИ НА КОВИД-19Не е исклучено психолошката состојба на трудниците да има свое влијание и врз поголемиот број на предвремени породувања, во однос на вообичаениот. (Фото: СДК.МК)

    Пет предвреме родени бебиња починале за една недела на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје каде што се третираат пациентки заболени, или со сомнеж за КОВИД-19 и сите ризични бремености.

    Директорката на Клиниката Викторија Јовановска вели дека станува збор за три пациентки со ризична бременост. Едната била породена со тројка. Кај сите родилки било направено тестирање на коронавирус и тестот бил негативен.

    „Станува збор за ризични бремености, бременоста со тројка е сама по себе ризична. Трите бебиња беа родени во 28 гестациска недела, мајката беше донесена во состојба во која мораше да се породи, и немаше никакви шанси да се спасат бебињата“, вели Јовановска за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Од Клиниката велат дека трудницата била во прва бременост со тројка, спонтано забременета. Таа била итно транспортирана од Тетово поради започнато предвремено раѓање.

    „Станува збор за високоризична бременост (мултифетална) и првото бебе од тројката имаше изразен интраутерин застој во растот и полихидрамнион. Кај мајката имаше уринарна инфекција и покачени лабораториски параметри за инфекцијата. Кај бебињата немаше спроведена антенатална кортикостероидна терапија (зреење на белите дробови)“, велат од Клиниката за гинекологија и акушерство.

    Тие објаснуваат дека по царскиот рез се добиени многу незрели плодови во исклучително тешка состојба, во 28 гестациска недела (многу мал прематуритет и со екстремно и многу мала тежина – 740 грама, 1.340 грама и со отоци и 1.160 грама), со потреба од интубација веднаш по раѓањето (без сопствено дишење), кои беа приклучени на механичка вентилација. Но, поради екстремната незрелост, многу малата телесна маса, многу малата гестациска недела, бебињата за цело време биле во критична состојба и нестабилни, поради што и покрај применетата супортивна и супституциска терапија, починале во различни денови (на 9, 11 и на 13 април).

    И во другите два случаи станува збор за трудници кои се породиле со многу незрели новороденчиња, со мала родилна маса и со тешки компликации.

    Во едниот случај станува збор за мајка од Скопје породена спонтано во 31 гестациска недела. „Бебето веднаш по раѓањето беше со знаци на многу тешко дишење поради што беше интубирано и беше приклучено на механичка вентилација. На вториот ден од раѓањето со ехо на CNS се утврди масивно крвавење во мозок од четврти степен, кое беше проследено и со невролошки клинички знаци. И покрај спроведената терапија, новороденото почина на шестиот ден од возраста“, објаснуваат од Гинеколошката клиника.

    Другиот случај е со родилка од Струмица забременета ин витро, со близначка бременост. Првиот близнак бил породен со екстремна незрелост во 26 гестациска недела и со екстремно мала родилна маса од 790 грама, а вториот близнак бил мртов плод. „Родилката има активен хепатит Б, а живородениот близнак, покрај екстремната незрелост имаше и конатална сепса (вродена тешка бактериска инфекција)“, велат од Клиниката.

    Директорката Јовановска вели дека изминатиов период е зголемен бројот на предвремено родени бебиња, во споредба со други години, и претпоставува дека тоа се должи на зголемениот стрес кај трудниците поради епидемијата на коронавирусот. Јовановска рече дека во светот има мал процент на трудници заразени со коронавирус кои починале, но ете, вели, за жал во нашата држава имаше таков случај, кога минатата недела почина 27-годишна родилка од Куманово позитивна на КОВИД-19. Таа роди недоносено машко бебе кое е на Гинекологија.

    „Ова е нов вирус за кој секојдневно добиваме нови информации и податоци. Моја претпоставка е дека зголемениот број на предвремени породувања се должи на зголемениот стрес кај трудниците. Разговарав со министерот за здравство Венко Филипче да ги тестираме мајките на предвреме родените бебиња, да видиме дали го прележале коронавирусот, за да утврдиме дали можеби има и таква поврзаност и тоа е причината за предвремените породувања“, рече Јовановска.

    „Бременоста и во нормални околности е проследена со осцилации во емоциите, често е придружувана со зголемена чувствителност и вознемиреност, а очекувано е КОВИД-19 да предизвикува нагласена загриженост кај бремените жени. Поради тоа, не е исклучено психолошката состојба на трудниците да има свое влијание и врз поголемиот број на предвремени породувања, во однос на вообичаениот, вели директорката Јовановска.

    Поради смртта на петте предвремено родени бебиња во време кога земјава е пред очекуваниот пик од ширење на КОВИД-19, а и поради тоа што клиниката е референтен центар за суспектни и позитивни родилки на коронавирусот, медицинската директорка на Гинекологија Викторија Јовановска побара стручна помош од епидемиолог, интензивист педијатар и перинатолог кои ќе ја анализираат оваа состојба.

    Директорката Јовановска потенцира дека засега не постои научен доказ дека трудниците и родилките имаат поголема чувствителност на КОВИД-19, ниту пак дека се во поголем ризик од зараза. Таа вели дека и овие категории жени треба да ги преземат истите мерки на претпазливост за избегнување на инфекцијата и да се грижат за себе во согласност со препораките за превенција од ширење на епидемијата кои важат и за секоја возрасна личност.

    Директорката на Гинекологија апелира до на трудниците и во периодот на справување со КОВИД-19 смирено и без паника да се подготвуваат за породување. Таа советува дека доколку имаат потреба од психолошка поддршка, да се јават на телефонскиот број 078/378-766, кој е наменет токму за психолошка поддршка на трудниците и родилките, на кој одговараат стручни лица од Клиниката за психијатрија.

    Со појавата на епидемијата и организацијата на здравствениот систем, ГАК ги прима само трудниците со високоризични бремености. Во договор со Министерството за здравство и Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, сите други случаи, и трудници со нормална бременост се препраќаат во таа болница.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира