Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека сè уште се трага по 12 од 36 осомничени за кривичното дело за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со организираниот напад во Собранието на 27 април. Спасовски, исто така, рече дека тие, најверојатно, не се избегани во странство.
„Издадени се наредби за приведување на 36, а по 12 лица сè уште се трага, тие најверојатно се во Република Македонија“, изјави Спасовски по потпишувањето Меморандум за разбирање меѓу МВР и мисијата на ОБСЕ околу контролата на лесното оружје и муниција
Тој не ги откри имињата на 12-мината по кои се трага, ниту дали меѓу нив има пратеници. Денеска во Собранието, Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го прифати барањето за одобрување притвор за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Жаклина Пешевска и на пратеникот од Социјалистичката партија Љупчо Димовски на денешната седница. Барањето беше поднесено од надлежниот орган – Основен суд Скопје 1, Одделение за организиран криминал и корупција.
Вчера, Основниот суд Скопје 1 им изрече мерка притвор на 13-мина од осомничените, вклучувајќи ги Митко Чавков, Игор Дурловски и Богдан Илиевски Бетмен, а шестмина добија куќен притвор, меѓу нив и Борис Дамовски и Владо Јовановски.