ПО 30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА ЕКСМИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОНОМИЈА БЕКТЕШИ И УШТЕ 12 ЛИЦА ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА, СЕ БАРА ЗА УШТЕ ШЕСТМИНА

    ПО 30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА ЕКСМИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОНОМИЈА БЕКТЕШИ И УШТЕ 12 ЛИЦА ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА, СЕ БАРА ЗА УШТЕ ШЕСТМИНАЗа ноќешните апсења во Кочани и во Општината, уште нема информации, тоа е нова група осомничени; - Жртвите вчера беа погребани во Кочани и другите градови. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На предлог на Јавното обвинителство на Кочани, судија на претходна постапка од Основен суд Кочани им одредил притвор на 13 лица во траење од по 30 дена, во истрагата за пожарот со 59 жртви во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март. Меѓу нив се поранешниот министер за економија Крешник Бектеши и Размена Чекиќ-Дуровиќ, одговорната во Министерството за економија за издадената лиценца за работа на „Пулс“ како кабаре. За уште шестмина е побаран притвор од 30 дена, но допрва судијата ќе одлучува за нив. Сите овие претходно имаа двапати по 48 часа притвор.

    Први кои добија ефективен притвор од по 30 дена, беше групата од 7 инспектори и началници од СВР Штип и од Полициската станица (ПС) Кочани кои давале позитивни мислења за неисправниот објект да добие дозвола од Министерството за економија.

    Предметот веќе не е предистрага. Јавното обвинителство на Кочани ноќеска донело наредба за спроведување истрага против 27 физички и три правни лица (фирми) во врска со катастрофалниот пожар во дискотеката.

    За ноќешните апсења во Кочани и во Општината, уште нема информации, тоа е нова група осомничени. Просторијата на дискотеката која се запали за време на концерот на групата ДНК со 500 гости, имаше само една  мала врата, немала противпоарни апарати, одвнатре била обложена со запаливи материјали. Биле употребени пиротехнички средства, прскалки внесени и користени без дозвола. Откако прскалките го запалиле плафонот, пожарот се проширил веднаш  и таванот паднал што дополнително го зголеми бројот на жртвите.

    Вчера беа погребани жртвите. Од 59-те загинати во кочанската дискотека „Пулс“, 43 се од Кочани, по пет лица се од Скопје и Штип, тројца од Пробиштип, двајца загинати се од Виница и едно лице е од Струмица. Шестмина од починатите се малолетници. Според Обвинителството, од 59 загинати, 3 се на возраст од 16 години, 3 на 17, 4 на 18, 1 на 19, 2 на 20 години, 6 на 21, 2 на 23, 7 на 24 години, 3 на 25, 7 на 26 години, 2 на 27, 1 на 29, 3 на 30, 2 на 31, по 1 на 32 и на 33 години, 4 на 36, 2 на 38, 1 на 43, 2 на 44, 1 на 47 и 1 на 48 години.

    Повредени се 195 лица. Во моментов в болница се 162, a од нив 115 пациенти се лекуваат во странство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира