ПО 4 ЗАЛУДНО ПОТРОШЕНИ ГОДИНИ, СУДЕЊЕТО ЗА „ТИТАНИК“ ЗА МЕСТЕЊЕ ИЗБОРИ ДЕНЕСКА ПОЧНА ОДНОВО

    ПО 4 ЗАЛУДНО ПОТРОШЕНИ ГОДИНИ, СУДЕЊЕТО ЗА „ТИТАНИК“ ЗА МЕСТЕЊЕ ИЗБОРИ ДЕНЕСКА ПОЧНА ОДНОВООд судењето за „Титаник“ на 3 септември 2019 година. (Фото: СДК.МК)

    Најголемиот случај на поранешното СЈО „Титаник“ за изборни незаконитости во неколку изборни циклуси од 2011 до 2014 година, кој требаше досега да заврши и да стави крај на самоволијата на партиите на власт при изборните процеси, почна денеска одново по четири години залудно изгубено време.

    Одбраната на околу 20-тина обвинети денеска даваше воведни зборови и случајот почнува од нула. Ова судење се врати на почеток поради пензионирање на поротник, а судот немаше делегирано резервни поротници во овој најголем судски предмет од организиран криминал.

    Застапник на обвинението и натаму е Лиле Стефанова, обвинителка за организиран криминал и корупција. Во претходните четири години, се слушнаа илјадници прислушувани разговори одделно за сите кривини дела што им се товарат на 20-мината обвинети и ќе се слушаат најверојатно повторно. Повторно ќе се изведува и целата доказна постапка и ќе се викаат десетици и десетици сведоци.

    Првообвинет во овој предмет е поранешниот премиер Никола Груевски за кривичните дела злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

    Дел од обвинетите, за дел од кривичните дела признаа вина, како Мартин Протоѓер, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.

    Обвинението за „Титаник“ беше одобрено на 31 јануари 2018 година, а судењето почна на 2 април истата година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира