Досегашниот Народен правобранител Иџет Мемети денеска беше избран за нов член на Советот на јавни обвинители. „За“ неговиот избор во едно од највисоките тела во правосудството гласаа 61 пратеник во Собранието, немаше „против“, ниту „воздржани“.
Пред да биде избран за Народен правобранител пред 16 години, Мемети беше министер за правда, уставен судија, државен советник во Владата и член на Државната изборна комисија. Неговиот мандат како Народен правобранител истекуваше месецов.
На денешната седница, за нов член на Советот на јавни обвинители беше избран и адвокатот Љупчо Ивановски. Во Советот на јавни обвинители има 11 членови, од кои четворица ги избира Собранието.
Денеска Собранието избра и нов член на Судскиот совет. Станува збор за Павлинка Црвенковска, досегашен судски советник во Апелациониот суд во Скопје.