ПО ЈАХОСКИ И ТАНЕВСКИ И ПРАТЕНИЧКАТА ОД ВМРО-ДПМНЕ ПОЦКОВА Е ПОЗИТИВНА НА КОРОНАВИРУС, ДЕБАТАТА ЗА ОНЛАЈН СОБРАНИЕ СЕ ЗАОСТРИ

    ПО ЈАХОСКИ И ТАНЕВСКИ И ПРАТЕНИЧКАТА ОД ВМРО-ДПМНЕ ПОЦКОВА Е ПОЗИТИВНА НА КОРОНАВИРУС, ДЕБАТАТА ЗА ОНЛАЈН СОБРАНИЕ СЕ ЗАОСТРИОд почетокот на работата на овој парламентарен состав, реткост е да се видат пратеници од опозицијата во собраниската сала под куполата и генерално, тие влегуваат само да настапат на говорница и си заминуваат од салата (Фото:СДК.МК)

    И пратеничката од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Јадранка Поцкова е позитивна на коронавирус, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК од партијата, која сè уште не попушта за работа на Собранието од далечина.

    „Професорката Поцкова е позитивна на коронавирус. Таа веќе ги троши последните денови од задолжителната изолација и наскоро ќе се врати на работа во Собранието“, ни рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.

    Засега има тројца заразени пратеници. Покрај Поцкова, коронавирус имаат Исмаил Јахоски од ДУИ и Лазе Таневски од СДСМ. Анкетите на епидемиолозите за контакти на пратениците со тројцата позитивни колеги се завршени, сите кажале дека немале контакти со нив.

    Денеска на координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери, пратеничките групи не постигнаа согласност за прекин на работата со физичко присуство. Дебатата на координаторите на групите продолжува кај Џафери и следниве денови.

    ВМРО-ДПМНЕ не ја прифаќа идејата додека пандемијата со коронавирус е во полн ек, да работат од дома. Тврди дека тоа е неуставно. Но, Уставот не забранува односно не кажува на какви седници Собранието треба да работи. И не вели дека пратениците мора да бидат физички присутни, односно не забранува присуство на седници и комисии преку електронски уреди.

    Член 66 вели:

    Собранието е во постојано заседание. Собранието работи на седници. Седниците на Собранието ги свикува претседателот на Собранието. Собранието донесува деловник со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

    Според опозициската партија, онлајн работата се коси со собранискиот Деловник, во кој според членот 69, македонското Собранието работи само со присуство на народните избраници.

    Пратеникот Антонијо Милошоски смета дека ако власта ги смени Уставот и Деловникот тогаш би било во ред но, доколку тоа го направи еднострано, секој донесен закон на електронска седница би претставувал ризик за правната сигурност затоа што така донесени закони спротивни на Уставот, односно, членот 69 можат да паднат на Уставен суд.

    Во СДСМ, пак, велат дека мора да се изнајде начин како пратениците кои имаат решение дека се позитивни на ковид-19 да работат онлајн, односно да гласаат. Координаторот на СДСМ Јован Митревски денеска кажа дека на координацијата веќе предложил комбиниран метод. Предлогот е оние пратеници кои имаат решение за изолација поради коронавирус, да дискутираат и гласаат онлајн, од дома, а останатите да доаѓаат на седниците.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира