ПО НАЈАВАТА ОД ВМРО-ДМПНЕ ЗА КРАЈ НА ОБВИНИТЕЛКАТА РИСТОСКА, ТАА ВЕЛИ ДЕКА Е ПОД ПРИТИСОК И ЗАПЛАШУВАЊЕ ЗАШТО КРИВИЧНО ГИ ГОНИ ПАРТИЈАТА И НЕЈЗИНИ ЕКСФУНКЦИОНЕРИ

    ПО НАЈАВАТА ОД ВМРО-ДМПНЕ ЗА КРАЈ НА ОБВИНИТЕЛКАТА РИСТОСКА, ТАА ВЕЛИ ДЕКА Е ПОД ПРИТИСОК И ЗАПЛАШУВАЊЕ ЗАШТО КРИВИЧНО ГИ ГОНИ ПАРТИЈАТА И НЕЈЗИНИ ЕКСФУНКЦИОНЕРИАко ВМРО-ДПМНЕ не ѝ се извини, Ристоска најви тужба за сите тврдења и притисоци против неа. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката Ленче Ристоска, која е и македонска обвинителка во Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда (Еуроџаст / Европравда) вели дека се чувствува притисната, загрозена и нападната како обвинителка по соопштението од владејачката ВМРО-ДПМНЕ од 14 октомври, во кое ѝ се заканува со „крај“ за неа, ја нарекува земачка на бонуси и соработничка со криминалци.

    Ристоска потсетува дека секојдневното навредување од највисоките претставници од ВМРО-ДПМНЕ е поради тоа што таа е застапничка на две обвиненија против партијата, односно против нејзини поранешни функционери. Во едното обвинение („Талир 2“) Ристоска побара и доби мерка – замрзнување на имотот на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ  во центарот на Скопје (познато како Бела палата), на нејзиниот луксузен имот внатре и на уште 68 недвижности на партијата.

    Ристоска бара ВМРО-ДПМНЕ да ѝ се извини, зашто во спротивно ќе бара на суд застапникот на партијата да аргументира клевета по клевета изречени против неа.

    „Соопштението објавено на 14.10.2025 година на веб-страницата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ со наслов ‘Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картица во служба на Заев и Груби. Каков крај!’, го доживувам како притисок и заплашување од лица за кои се води кривична постапка, врз јавен обвинител. Јас како обвинител постапувам по два предмета со кои е засегната политичката партија ВМРО-ДПМНЕ – еден каде политичката партија е обвинета за кривично дело перење пари и друг каде има својство на лице врз кое е пренесена имотна корист за која имотна корист има обвинение дека е прибавена со кривично дело. Моментално и двете постапки се во фаза на судење, а со судска одлука замрзнати се партиското седиште и други 68 недвижности кои се опфатени со постапките“, вели Ристоска.

    Таа смета дека со соопштението врз неа се врши намерно заплашување.

    „Оттука, соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која во моментот е и носител и на извршната и на законодавната власт, не е само критика на мојата работа како обвинител, туку со оглед дека се споменува ‘крај’ и ‘време на вистинска правда’, ова соопштение испраќа намерна порака за заплашување и влијание врз мојата работа како јавен обвинител. Впрочем, ова соопштение е само уште еден од низата напади на кои сум изложена изминатиот период. Дополнително, ова соопштение содржи невистинити и навредливи тврдења, меѓу кои дека: 1. Моето професионално делување било инструирано од политички чинители и криминални структури; 2. Самата сум си исплатувала бонуси и награди и сум користела службени картички; 3. Јас го симболизирам моралниот пад на обвинителството и отсуството на срам е моја одлика“, ги цитира Ристоска навредите и клеветите кон неа од соопштението од пред два дена, кога таа на новинарски прашања одговараше за секојдневните клевети и анимозитет на премиерот Христијан Мицкоски против неа.

    Ристоска бара политичката партија јавно да се извини во рок од седум дена од ова соопштение или да ги докаже своите тврдења. Во спротивно, вели, ќе поведе постапка за граѓанска одговорност за клевета и навреда против правното лице ВМРО-ДПМНЕ кое го објавило текстот.

    „Сакам да укажам дека како обвинител јас имам не само право туку и обврска јавно да зборувам за прашања со кои се задира во независноста на обвинителството, се загрозува владеењето на правото и принципот на поделба на власта и се атакува на мојот професионален интегритет. Мојата работа како јавен обвинител е борба со криминалот и таа секогаш се базира на заштита на јавниот интерес, без оглед кој сѐ се јавува како сторител на кривични дела“, вели Ристоска.

    ВМРО-ДПМНЕ напиша соопштение во кое се потсмева дека Ленче Ристоска, која ја нарекува „поранешната ѕвезда“ на пропаднатото Специјално јавно обвинителство (СЈО), последна имала право да зборува за плати, правда и морал.

    „Јавноста добро се сеќава на времињата кога Ристоска и нејзините колеги користеа службени картички, патувања и дневници со ентузијазам обратно пропорционален од оној со кој работеа предмети. Од обвинителство кое требаше да биде симбол на борба против криминалот, направија партиска испостава на СДС и ДУИ што соработуваше со луѓе од другата страна на законот. И сега, истата таа Ленче која го симболизира моралниот пад на обвинителството, како и на времињата во кои со судбината на народот царуваа Заев и Груби, собра храброст да зборува – замислете – клеветнички кампањи и анимозитет. Наместо да се преправа дека е жртва, подобро би било конечно да им објасни на граѓаните колку точно бонуси и награди си исплатила во времето кога Македонија се гушеше во неправда, а тие делеле правда со партиски аршин“, стои во соопштението објавено на веб страната на ВМРО-ДПМНЕ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира