ПО НЕСРЕЌАТА ВО ЛАСКАРЦИ, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ВЕЛИ ДЕКА НЕ Е НАДЛЕЖНО ДА СТАВИ МОРАТОРИУМ ЗА ШКОЛСКИТЕ ЕКСКУРЗИИ ДОДЕКА НЕ СЕ ПРОВЕРАТ СИТЕ АВТОБУСИ

    ПО НЕСРЕЌАТА ВО ЛАСКАРЦИ, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ВЕЛИ ДЕКА НЕ Е НАДЛЕЖНО ДА СТАВИ МОРАТОРИУМ ЗА ШКОЛСКИТЕ ЕКСКУРЗИИ ДОДЕКА НЕ СЕ ПРОВЕРАТ СИТЕ АВТОБУСИШколските екскурзии се изведуваат според план и програма на Министерството за образование, но од таму не кажуваат дали ќе стават мораториум, туку само велат дека немаат надлежност за избор на туристички агенции за спроведување на екскурзиите оти секое основно и средно училиште самостојно избира; - Mинистерот за образование Арбер Адеми (Фото: Влада на РСМ)

    Министерството за образование и наука не кажува дали ќе стави мораториум на екскурзиите во основните и средните училишта, кои секоја година се изведуваат според план и програма на Министерството, откако истрагата на Основното јавно обвинителство Скопје утврди дека до автобуската несреќа кај Ласкарци дошло поради криминални практики на превозникот.

    Од Министерството за образование не кажуваат ниту дали ќе побараат од Министерството за внатрешни работи да се направи вонреден технички преглед на возилата во кои се превезуваат ученици не само на екскурзии, туку и во редовен превоз до училиштата.

    Истрагата за сообраќајката на автобусот кај Ласкарци на 13 февруари во која загинаа 15-мина откри криминални практики на превозникот „Дурмо турс“: дека сопирачките биле неисправни и иако тоа било увидено на техничкиот преглед, во јули 2018 му било дадена дозвола за работа. Истото, и покрај неправилностите, било направено и при техничкиот прием во декември 2018. Дополнително е утврдено дека е манипулирано со тахографот со што не се покажувала реалната брзина на возење. Неисправноста на кочниците и големата брзина се причина за сообраќајката. Судот минатата недела одреди притвор за тројца, односно за сопственикот, возачот на автобусот и раководителот на компанијата.

    Од Министерството за образование и наука не одговараат на нашето конкретно прашање дали ќе стават мораториум на екскурзиите што се изведуваат според нивни план и прoграма, туку само велат дека немаат надлежност за избор на туристички агенции за спроведување на ученички екскурзии и дека согласно правилниците за организирање на ученичките екскурзии, секое основно и средно училиште самостојно избира агенција.

    „Секое училиште преку формирање на 5-члена комисија составена од тројца членови од Советот на родители и два члена од редот на наставници, ја спроведува постапката за избор на туристичка агенција која ќе ја реализира екскурзијата. Покрај останатите услови за доделување на договор за изведување на екскурзијата, понудувачот, или туристичката агенција, треба да ги исполнува и условите за превоз на групи деца согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Правилникот за посебни технички барања на возилата со кои се превезуваат групи деца. Понудувачот кој не ги исполнува минималните услови, се одбива од страна на комисијата. Овие законски и подзаконски акти не се регулатива чија имплементација е во надлежност на МОН“, велат од Министерството за образование и наука.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира