Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски е осуден на три и пол години единствена казна затвор, по обвинение за две кривични дела: бесправна градба на новата општинска зграда и злоупотреба на службената положба и овластувањата. Според обвинението од август 2018, градоначалникот Јакимовски дозволил објектот на Општина Карпош каде што е сместена општинската администрација да се изгради без одобрение за градба и без соодветно архитектонско-урбанистичка документација.
Во јануари 2020 година за овие дела признаа вина и добија условни казни 5 вработени лица во Општината, а Јакимовски негираше дека е виновен. Си признаа дека со своите постапки заедно со Јакимовски го оштетиле буџетот за 616.000 евра.
Основниот кривичен суд Скопје денеска му одреди една година за дивоградбата, а за злоупотреба на службената положба и овластување затворска казна од три години. Во изречената казна затвор на обвинетиот му се засметува и времето поминато во куќен притвор.
Според пресудата, бесправно изградената општинска се одзема во корист на државата.
Јакимовски најави дека ќе поднесе жалба до Апелациониот суд Скопје. Денеска изјави дека е жртва на повеќегодишна политичка хајка против него.
Првостепено осудениот Стевчо Јакимовски на 18 март 2024 беше ставен на црната листа на САД, зашто со неговите дејствија го поткопал владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции. За Јакимовски американскиот Стејт департмент тогаш рече дека „како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.
С. К. ДЕЛЕВСКА