ПО СОПРУЗИТЕ, СИНОВИТЕ СЕ ВТОРА НАЈГОЛЕМА ГРУПА ТЕПАЧИ И УБИЈЦИ НА ЖЕНИ ВО МАКЕДОНИЈА, СУДОТ КАЗНИЛ СО ЗАТВОР ЕДЕН ОТСТО ОД ОБВИНЕТИТЕ

    ПО СОПРУЗИТЕ, СИНОВИТЕ СЕ ВТОРА НАЈГОЛЕМА ГРУПА ТЕПАЧИ И УБИЈЦИ НА ЖЕНИ ВО МАКЕДОНИЈА, СУДОТ КАЗНИЛ СО ЗАТВОР ЕДЕН ОТСТО ОД ОБВИНЕТИТЕ„Стекнатите навики од татковците, се пренесуваат“, ќе заклучи Државниот завод за ревизија (архивска фотографија)

    Синовите се втора најголема група сторители на семејно насилство врз жени во Македонија, по првата група, нивните татковци. Сопрузите или интимните партнери (сегашни и поранешни) се 63 отсто од убијците и тепачите на жени. Убиствата и насилствата врз мајки се пораснати на 16 проценти од вкупниот број претепувања и фемициди.

    Статистиката, пак, е дека во затвор завршуваат само еден отсто од двете групи насилници врз жени.

    Последен случај на син убиец во Скопје беше на ноќта меѓу 10 и 11 јануари 2023 година. Сторителот, кој со нож ги избол своите мајка и баба, по убиствата легнал да спие.

    Откако се отспал и се осигурил дека се мртви, отишол кај матичната лекарка на која ѝ кажал што направил. Синот, односно внукот-убиец е во притвор.

    Државниот завод за ревизија преку податоците од МВР пресметал дека во 2022 година се бележи пораст од 61 отсто на примени пријави за семејно насилство, во однос на 2018 година.

    Во овие случаи, дури 80 отсто се жени. Сторителите се сопрузи или интимни партнери и синови на жртвите.

    „Стекнатите навики од татковците, се пренесуваат“, ќе заклучи ДЗР.

    Она што е подеднакво загрижувачки податок, е што во 2019 година само 24 отсто од сите пријавени случаи завршиле на суд. Непознато е дали за ова се виновни МВР и социјалните служби, или обвинителството.

    Судот пак, е посебна приказна за семејното насилство врз жени, зашто казнил само 15 отсто од овие 24 отсто случаи кои завршиле со обвинение, но само 3 отсто од нив добиле затворска казна. До 2022 година овој процент паднал на 1 отсто.

    Заклучокот на ДЗР е дека овој криминал за жал поминува неказнето.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира