Турција е наш пријател и очекувам по завршување на изборите кај нив да го почнат процесот за ратификација на протоколот за членство, рече премиерот Зоран Заев на заедничката прес конференција со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, одговарајќи на новинарско прашање.
„Турција е еден од нашите големи пријатели. Нивните исчекувања се дека кога ќе завршат со изборните процеси што се одвиваат кај нив, знаете дека има повторени избори во Истанбул, ќе го почнат процесот. Се надевам дека тоа наскоро ќе се случи“, рече Заев.
Тој кажа дека ратификацијата на протоколот за пристапување се одвива со забрзано темпо и дека на состанокот на Советот на НАТО што овие два дена се одвива во Скопје добиле информација и кога останатите земји членки ќе го ратификуваат протоколот.
„Некои тоа ќе го направат во јуни, некои во јули, некои во септември и октомври“, рече Заев.