На 92-годишна возраст почина проф. д-р Борислав Каранфилски, доајен на македонската нуклеарна медицина, патофизиологија и тиреологија, соопшти семејството.
Каранфилски дипломирал и докторирал на Медицинскиот факултет во Скопје, каде е избран за професор во 1977 година. Звањето доктор на медицински науки се стекнал 1961 година, а специјализирал патофизиологија и нуклеарна медицина во повеќе центри во земјата и странство, меѓу кои Воено-медицинската академија во Белград (1957), Каролинска Институтот (1950), Институтот за постдипломско усовршување на лекарите во Москва (1960), Медицинската школа на Харвард во Бостон (1965), Универзитетот во Единбург (1970) и Универзитетот во Чикаго (1975).
Професор Каранфилски е еден од втемелувачите на нуклеарната медицина во нашата земја и постојано активен во нејзиниот развој. Посебен придонес има за основање на Амбуланта за заболувања на тироидната жлезда што во континуитет ја развивал и унапредувал.
Како редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје, бил наставник по предметите патофизиологија и нуклеарна медицина и изведувал настава за студентите по медицина, стоматологија и фармација, постдипломска настава на Медицинскиот факултет во Скопје, на Природно – математичкиот факултет (група биологија) во Скопје, на Медицискиот факултет во Љубљана и во Школата за примена на радиоактивните изотопи на Институтот за нуклеарни науки во Винча.
Постигнал забележителни резултати во научно-истражувачка работа, особено во изучувањето на патологијата на тироидната жлезда. Успешно реализирал повеќе научно-истражувачки проекти, финансирани од научни фондови во земјата и странство. Реализирал два истражувачки проекти од областа на јодниот дефицит во Босна и Херцеговина. Бил ментор на поголем број магистерски трудови и докторати.
Автор е на 223 труда објавени во домашни и странски медицински списанија. Автор или коавтор е на осум учебници и пет монографии од областа на патофизиологија и нуклеарна медицина.
Во својата кариера, Каранфилски извршувал и значајни општествени стручни функции, меѓу кои продекан и декан на Медицинскиот факултет во Скопје, проректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, директор на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина, претседател на Македонско лекарско друштво, претседател на Здружението за нуклеарна медицина на Југославија и претседател на Заедницата на медицинските факултети на Југославија.
Членувал во повеќе регионални и меѓународни здруженија. Од 1997 е претседател на Националниот комитет за јоден дефицит при Министерството за здравство и национален координатор во Глобалната јодна мрежа.
За неговата научна, здравствена и општествена активност му се доделени бројни општествени признанија меѓу кои: Државна награда „11 Октомври” за животно дело (1986), Државна награда „Гоце Делчев” за постигнати резултати во научната работа (2005), Повелба „Д-р Трифун Пановски” за исклучителни резултати во унапредувањето на медицинската наука, практика и развој на здравствената заштита во Македонија, Плакета за придонес во развојот на високообразовната и научната дејност и за афирмација на Медицинскиот факултет во земјата и странство (2017) и Државна награда „Св. Климент Охридски“ во областа на здравството (2018).