Почина Мојсо Мојсовски, долгогодишен новинар и уредник на Пладневниот радиовесник, една од препознатливите информативни емисии на Македонското радио, како и гласот што со години беше дел од радиото на многу генерации слушатели. Имаше 78 години.
Мојсовски речиси целиот свој професионален живот го посвети на Македонското радио, оставајќи длабока трага во неговата историја и во македонското новинарство. Со својот професионализам, новинарско искуство и посветеност на работата, беше дел од новинарскиот идентитет на Радиото и од секојдневието на многу слушатели. Професионалниот пат го однесе и во македонската редакција на „Дојче веле“, каде што исто така го вложи своето новинарско знаење и искуство.
Беше и ментор за многу генерации помлади новинари, редакцијата беше место во кое од него се учеше не само како се подготвуваат и водат вести, туку и што значат професионалната одговорност, точноста, посветеноста и почитта кон новинарската професија.
Неговата книга посветена на Скопје, во која низ лични сеќавања и реминисценции ги бележеше неговите некогашни ликови, улици, дух и промени низ времето, доживеа неколку изданија. Долги години беше активен и во Одборот на скопските бадникари.
Мојсовски ќе биде погребан во Скопје на 1 декември од 11 часот.



