По кратко и тешко боледување вчера на 62-годишна возраст, почина новинарот Ристе Недановски, соопшти Лекарската комора на Македонија каде што работеше во одделението за односи со јавноста и уредник на интерниот весник.
Недановски од 1991 година работeше како новинар за здравство во весникот „Вечер”. Во 1997 премина во весникот „Дневник”, а во 1999 стана заменик-уредник на економската рубрика и новинар за здравство во „Утрински весник”. Од 2004 година беше уредник и новинар за здравство во „Вечер”.
Од активното новинарство се повлече во 2006 кога се вработи како како пиар менаџер во „Публицист”, а од 2009 беше извршен директор и пиар менаџер во „Концепт маркетинг”.
Од 2011 беше уредник на гласилото на Лекарската комора на Република Северна Македонија.
Долги години подготвуваше и уредуваше текстови, посебни тематски публикации на различни асоцијации, здруженија, организации и компании како што се Стоматолошката комора на Македонија, „Порака”, Сојуз на помош за лица со ментален хендикеп и други.
Автор е и учесник во подготовка на повеќе релевантни меѓународни анализи за состојбите и реформите во здравството.