Слободан Трајковски, доајен на македонското телевизиско новинарство и поранешен директор на Македонска телевизија (МТВ) почина вчера на 75 години. Новинарската кариера ја започна во 1970 во МТВ (тогаш ТВ Скопје), каде беше генерален директор во два наврати, од 1990-94 и од 1996-99. Како новинар и уредник на Надворешно-политичката рубрика, беше водител на вести, како и известувач од настани во странство.
Во 1989 Трајковски известуваше од револуцијата во Букурешт, Романија, во која беше уапсен, осуден и стрелан долгогодишниот комунистички диктатор Николае Чаушеску. Трајковски со екипата на ТВ Скопје беа првиот странски тим што доби интервју со новоименуваниот романски претседател Јон Илиеску.
Од 1999 беше советник и уредник на Сателитската програма на МТВ. Во 2005 е именуван за генерален конзул и шеф на македонската Мисија во Торонто, Канада каде остана до 2007, а до пензионирањето во 2010 остана во МТВ.
Трајковски е лауреат и на наградата „Крсте Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).