ПОЧИНА СТОЈАН АНДОВ, ПРВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО

    ПОЧИНА СТОЈАН АНДОВ, ПРВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТОВо три мандати од 1991 до 2002 Андов беше претседател на Собранието, а по атентатот врз Киро Глигоров, извесен период ја вршеше функцијата претседател на Република Македонија (Фото: СДК.МК)

    Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на Македонија, поранешен пратеник и основач на Либералната партија, почина на 88 години.

    Претседателот на Собранието Африм Гаши соопшти дека утре во 13 часот во Парламентот ќе се одржи комеморативна седница, а самиот ќе присуствува и на погребот.

    „Стојан Андов засекогаш ќе остане запаметен како прв претседател на плуралистичкото Собрание, кој со право се смета за основоположник на новата парламентарна традиција кај нас“, изјави Гаши.

    Роден во Кавадарци на 30 ноември 1935, Андов дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Факултетот за политички науки во Белград.

    Андов се ангажирал во општествено-политичкиот живот на Македонија уште во 1960-тите и потоа бил на разни локални, републички и сојузни функции. Од 1970-тите бил на високи функции во Сојузот на комунистите на Македонија и во Собранието на Македонија, од 1971 до 1982 во три мандати бил член на Сојузниот извршен комитет во Белград и бил член на разни економски комисии и комитети, меѓу кои и за соработка со Европската економска заедница и земјите на ЕФТА.

    Од 1987 до 1991 Андов беше југословенски амбасадор во Ирак.

    Откако од Сојузот на реформските сили на Југославија беше назначен за главен координатор во формирањето на Сојузот на реформските сили на Македонија во 1990, тој стана основач и водач на политичката партија Реформски сили – Либерална партија, подоцна регистрирана како Либерална партија на Македонија, чиј претседател остана до спојувањето со Демократската партија во 1997.

    На првите повеќепартиски избори беше избран за пратеник, а потоа и на сите наредни избори. Во три мандати од 1991 до 2002 беше претседател на Собранието, а по атентатот врз претседателот Киро Глигоров на 3 октомври 1995, извесен период ја вршеше функцијата претседател на Република Македонија (5 октомври 1995-10 јануари 1996).

    На изборите во 1999 беше кандидат на ЛДП за претседател на Македонија, но не помина во вториот круг. По обновувањето на Либералната партија во 1999, беше избран за нејзин претседател.

    Андов напиша повеќе книги од областа на економскиот и политичкиот систем, како и литературни романи.

    Во 2021, претседателот Стево Пендаровски му додели Орден „8 Септември“ за особен придонес во осамостојувањето на Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира