ПОЧИНА ВЛАДИКАТА ТИМОТЕЈ

    ПОЧИНА ВЛАДИКАТА ТИМОТЕЈВладиката Тимотеј од 1995 раководеше со Дебарско-кичевската епархија како Митрополит Дебарско-кичевски. (Фото: Религија.мк)

    Почина Дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј, објави интернет страницата Религија.мк. Владиката починал денеска в болница, каде неколку дена бил на лекување поради проблеми со срцето. Имаше 73 години. Владиката Тимотеј беше и портпарол на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА).

    Владиката Тимотеј е роден како Славе Јовановски на 20 октомври 1951 во Младо Нагоричане, Кумановско. Во 1976  дипломирал на Богословскиот факултет. Потоа работи како службеник во Македонската архиепископија. Од Синодот бил испратен во Рим каде ги завршил ориенталните студии и магистратура. На Богословскиот факултет во Скопје извесно време Јовановски работел и како професор, а е поставен и за в. д. ректор на Македонската православна богословија.

    Монашки потстриг примил на 10 септември 1981  во Бигорскиот манастир, а на 11 септември бил ракоположен за јероѓакон во истиот манастир. На 13 септември таа година  бил ракоположен за јеромонах во Кичевскиот манастир, а за архимандрит бил произведен во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Битола.

    По изборот за епископ на 20 септември 1981, бил хиротонисан за архијереј на МПЦ во црквата „Свети Димитриј“ во Скопје. Од 21 септември 1981 бил назначен за Митрополит австралиски и администратор на Дебарско-кичевската епархија. Со Австралиската епархија раководел до 1995 , од кога продолжил да раководи со Дебарско-кичевската епархија како Митрополит Дебарско-кичевски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира