Почина жената што прва е примена во Ургентен центар на скопските клиники во тешка шокова состојба, а која беше повреден во автобуската несреќа што вечерва околу 19 часот се случи кај велешката патарина.
Д-р Илир Хасани, управител на Ургентниот центар на скопските клиники, вели дека според последните информации со кои располага, во Ургентниот центар се донесени 14 пациенти од сообраќајната несреќа, меѓу кои и деветгодишно дете, во тешка здравствена состојба.
Автобусот со 44 патници, се враќал од Халкиди, Грција. Бил изнамен од скопска туристичка агенција. 27 лица се повредени откако во неделата околу 19 часот автобусот излета во близина на велешката патарина на автопатот кон Скопје, соопшти Центарот за управување со кризи. Повредените се пренесени во болници во Велес и Скопје.
“Детето е препратено на Клиниката за детска хирургија. Двајца пациенти беа примени на одделот за Интензивна нега, за жал еден од нив подлегна на повредите. Тоа е жената која прва беше донесена, со повреди на натколеница, потколеница и подлактица и со повреди на белиоте дробови. Вториот пациент исто така е во критична состојба, со сериозни повреди на градниот кош, нагмечување на ребрата, клучна коска, и крварење во белите дробови“, вели д-р Хасани.
Шестмина од повредените се препратени на Клиниката за ортопедски болести за понатамошно следење на состојбата, а петмина се задржани во Ургентниот центар каде дополнително се прават испитувања за да се утврди дали ќе бидат препратени на останатите клиники или ќе бидат пуштени на домашно лекување.
Од Министерство за здравство велат дека на повреденото дете му е ампутирана раката поради сериозноста на повредите, а останатите пациенти се во релативно стабилна состојба.
„Во Ургентниот центар на Клинички вкупно се донесени 17 пациенти, од кои четворица на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување КАРИЛ. Една пациентка почина, еден пациент е со абдоменално крварење, а двајца со сериозни торакални повреди. На детска хирургија е препратено дете кому му е ампутирана раката, двајца пациенти се на неврохирургија заради опсервација, седум се на Ортопедија за опсервација, а тројца се уште се прегледуваат во Ургентниот центар“, велат од Министерството за здравство.
Шестмината повредени што се во Универзитетската клиника за хируршки болести се во стабилна состојба, велат од Министерството за здравство. Четворицата повредени во Велешката болница, исто така, се во стабилна состојба, а потешко повреден има во ГОБ „8 Септември“, но е надвор од животна опасност.
Е. БОЧВАРОВСКА
во соработка со дописникот од Велес П. ПЕЧКОВ