ПОЧНА ЧИСТЕЊЕТО НА ЛИНДАНОТ ОД МАЛАТА ДЕПОНИЈА ВО СКОПСКИ „ОХИС“, ЌЕ СЕ НОСИ ВО ФРАНЦИЈА И ХОЛАНДИЈА

    ПОЧНА ЧИСТЕЊЕТО НА ЛИНДАНОТ ОД МАЛАТА ДЕПОНИЈА ВО СКОПСКИ „ОХИС“, ЌЕ СЕ НОСИ ВО ФРАНЦИЈА И ХОЛАНДИЈАНаредниот месец ќе се постави специјализиран шатор под кој ќе се одвиваат работи за отстранување на линдатот. (Фото: МЖСПП)

    Министерството за животна средина и просторно планирање денеска почна со чистење на малата депонија во фабриката „Охис“ во Скопје. Во кругот на фабриката фирмата „Полиеко“ која ќе го отстранува линданот  почна со подготвителни активности што подразбираат расчистување на теренот, обезбедување и поставување на потребната опрема и механизација околу малата депонија.

    Како што кажа министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на чистењето на опасниот отпад ќе се работи една година, а ќе се извезе во Франција и во Холанија.

    „Со овој проект ја потврдивме нашата решеност да ги елиминираме  жешките точки во земјава. Во изминатиот период беа безбедно отстранети и уништени огромни количини на екстремно опасни хемикалии што со децении беа складирани во кругот на ‘Охис’, а денес присуствуваме на почетокот на чистење и на линданот, како историски проблем на чие што решавање посветивме многу внимание и енергија“, изјави министерот Нуредини, најавувајќи дека Владата и Министерството за животна средина прават напори да се обезбедат средства од повеќе извори за чистење и на големата депонија, како и за чистење на погонот за електролиза контаминиран со жива.

    Во наредниот месец ќе се постави специјализиран шатор под кој ќе се одвиваат работи за отстранување на линдатот. Откако ќе се фрли горниот слој на нафрлена земја со која е покриен, линданот е на длабочина од 1,70 метри. Потоа ќе се исчисти и ќе се направи истражување дали пенетрирал подлабоко во почвата. Ќе се третираат околу 7.000 тони опасен отпад.

    „Проектот ќе се имплементира со најновите технологии и според највисоките стандарди. Ќе има специјални единици за филтрација, со опрема за заштита за сите работници. Нема да има третирање на отпадот или загадената почва на самата локација туку ќе се пакува во специјални контејнери и ќе бидат извезени според Базелската конвенција“, рекоа претставниците на фирмата „Полиеко‘.

    Во текот на целиот процес ќе се мери загадувањето не само на почвата туку и на воздухот за што, како што кажа Нуредини, набавени се спрецијални инструменти за да не се загрози животната средина и јавното здравје.

    За  чистењето на малата депонија, Министерството воспостави соработка со две агенции на Обединетите Нации, УНИДО и УНОПС. Проценетата вредност на комплетното чистење и уништување на линданот и неговите изомери од малата депонија во „Охис“ изнесува приближно 8 милиони евра. Процесот се одвива со финансиска помош на Кралството Норвешка.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира