ПОЧНА ОСПОРУВАЊЕТО НА ДОКАЗИТЕ НА СЈО ПРЕД ВРХОВЕН СУД, ВАНГЕЛОВСКИ И ДОКАЗИТЕ НА СЈО ЗА ЛАТАС ГИ СТАВИЛ НА ДНЕВЕН РЕД

    ПОЧНА ОСПОРУВАЊЕТО НА ДОКАЗИТЕ НА СЈО ПРЕД ВРХОВЕН СУД, ВАНГЕЛОВСКИ И ДОКАЗИТЕ НА СЈО ЗА ЛАТАС ГИ СТАВИЛ НА ДНЕВЕН РЕДСо иницијативата, адвокатката на Латас Светлана Савиќ ги оспорува доказите на Специјалното обвинителство за куќите на тројцата браќа Павловиќ, кои ги изградиле во 2011 и 2012 година, а одобрение за градба извадиле дури во 2013 година, за што денеска во Кривичниот суд беше донесена ослободителна пресуда. - Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски (Фото: СДК.МК)

    Врховните судии денеска на Општа седница добиле пред себе ад хок нова иницијатива што им ја поделил претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, поднесена од адвокатката на Драган Павловиќ-Латас, Светлана Савиќ. Со иницијативата таа ги оспорува доказите на Специјалното обвинителство за куќите на тројцата браќа Павловиќ, кои ги изградиле во 2011 и 2012 година, а одобрение за градба извадиле дури во 2013 година.

    Денеска Основниот суд Скопје 1 за ова обвинение на СЈО, им изрече ослободителна пресуда на тројцата обвинети: Драган, Звездан и Срѓан Павловиќ, но обвинителката Елизабета Јосифовска најави жалба задолжително.

    Според информациите на САКАМДАКАЖАМ.МК, Савиќ го оспорува периодот кога наводно биле поднесени доказите за овој случај од страна на СЈО, зашто според иницијативата, тоа се случило по 30 јуни 2017 година, односно по истекот на 18 месеци од преземањето на прислушуваните материјали и на предметите, што од редовното обвинителство, што од СДСМ.

    Врховниот суд, пак, веќе донесе начелно мислење дека истрагите и обвиненијата почнати по 30. јуни, не може да продолжат и се кршат со членот 22 од Законот за СЈО. Оттаму, Савиќ прашува: Дали ќе важат докази поднесени по 30 јуни 2017 година од СЈО до Основниот суд Скопје 1?

    Општата седница денеска беше свикана по друга иницијатива, на другата адвокатка на Драган Павловиќ, Анита Бегова, со која таа бара начелно мислење од Општата седница за тоа кој Закон за судови ќе важи за судиите кои се предложени за разрешување, дали претходниот, кој е ригорозен, или новиот Закон за судови, кој дава можност судија да се спаси од разрешување? Таа во иницијативата бара, согласно законите, да важи поблагиот закон за обвинетите.

    Една од завршените постапки во Судскиот совет за предложени судии за разрешување, која е дојдена до фаза на конечно гласање, е постапката против претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, кој претседава со Општата седница.

    Врховниот суд денеска ги информираше новинарите дека седницата била презакажана за в среда, бидејќи немало време за разгледување на иницијативите. Вангеловски на седницата кажал дека точките биле поопширни и требало време за да се подготват за нив тој и колегите врховни судии.

    Но, дел од Врховните судии неофицијално коментираат дека за иницијативата на Бегова, со која е засегнат и тој, Вангеловски сѐ уште не обезбедил мнозинство гласови кај врховните судии, за да донесат начелно правно мислење да важи поблагиот, новиот Закон за судови за тие судии што се предложени за разрешување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира