Судијката од организиран криминал Добрила Кацарска го почна судењето за незаконската набавка на луксузниот мерцедес С 600 „гард“, во кое првообвинета е ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Покрај неа, обвинети се и тогашниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски и експремиерот Никола Груевски, по чија нарачка и за чии потреби било набавено скапото блиндирано возило преку МВР, место преку владината служба за општи и заеднички работи.
Јанкулоска и Поповски се обвинети од СЈО за злоупотреба на службената положба и овластувањата, а Груевски е за примање награда за противзаконско влијание. Иако МВР имало намалена куповна ноќ, вели СЈО, сепак, Груевски побарал од Јанкулоска да го фаворизира добавувачот М.А. ДООЕЛ Скопје и да набави мерцедес од 500.000 евра без ДДВ. Тој ѝ кажал какви сè перформанси сака да има возилото божем за МВР, а во кое ќе се вози тој и семејството кај што ќе нема јавност, по што Јанкулоска му ја исполнила наредбата, со кршење на Законот за јавни набавки.
Јанкулоска го овластила Поповски да го спроведе тендерот за луксузниот мерцедес, со фаворизирање на добавувачот М.А. ДООЕЛ Скопје. Тоа Поповски го сторил со наведување на спецификации за возилото како: ерматик, спидтроник, при-сејв, термотроник, команд, дистроник плус, гард, најтвју асист. Притоа во тендерот не навел дека може да се пријават и други понудувачи со еквивалентни перформанси на наведените.
По таквиот наместен тендер, се појавила само фирмата М.А. ДООЕЛ Скопје. Во јуни 2012 година бил склучен договорот меѓу МВР и овој добавувач, а за кусо време бил и купен мерцедесот за 600 илјади евра. Ѓоко Поповски побара да се одложи денешното судење, зашто, како што рече, дури вчера ангажирал адвокат и тој немал време да ја спреми одбраната. Судењето се одложи за 12 февруари, но Кацарска закажа предвреме рочишта и на 13 и на 16 идниот месец.
С. К. ДЕЛЕВСКА