Координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Аљими обвинет заедно со сопартиецот Исмет Гури во случајот на Специјалното јавно обвинителство „Титаник 3“, ќе седне на обвинителна клупа во Основниот суд Скопје 1 на 16 март.
Судењето на Аљими и Гури за кривично дело уништување изборен материјал ќе го води судијката Оља Ристова, која вчера го закажала судењето.
Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи бараше притвор за двајцата обвинети, поради влијание и заплашување на сведоците, но Кривичниот и Апелациониот суд Скопје одлучија тие да се бранат од слобода.
Според СЈО, кривичните дела тогашниот секретар на Општинската комисија Чаир Исмет Гури и Ејуп Аљими, кој во тоа време бил невработен, ги извршиле по првиот круг гласање за избор на градоначалник на општина Чаир, во март 2013. Гури како службено лице во врска со изборите и гласањето и Аљими заедно со други сведоци преправиле над 30 записници за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласањето од повеќе избирачки места. Додавале и одземале гласови кај и стигнат и колку ќе им текне, па на крај самите ги потпишале преправаните резултати.
Со тоа доверливите документи станале неупотребливи, а по алармот во Државната изборна комисија дека нешто не е во ред со гласањето во првиот круг во Чаир, било извршено прегласување.
С. К. ДЕЛЕВСКА