Пред Основниот граѓански суд, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) вчера поднесе тужба против Владата и против Министерството за здравство зашто не сакаат во Законот за здравствено осигурување да ги додадат и земјоделките во членот кај што се набројуваат корисничките на надомест за породилно отсуство.
Дури и собраниската Комисија за еднакви можности на мажите и жените до Собранието има испратено заклучок од јавната расправа на оваа тема, под итно да го смени Законот за здравствено осигурување и да го реши проблем на овие 1.000 дискриминирани жени регистрирани како индивидуални земјоделки.
Овие напори на Комисијата за дискриминација и на Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи ги поддржува Советот на Европа.
Засега властите не ги перцепираат земјоделките, што ги прави маргинализирана група, директно дискриминирана од државата. Образложението од Министерството и од Фондот за здравство е дека тие плаќаат помал износ за придонеси и нема потреба посебно да се именуваат во законот. Башка, Министерството за земјоделие тврдело дека секоја година се двојат средства и се објавува програма за финансиски надомест на породени земјоделки.
Министерството за труд, демографија и млади, пак, индивидуалните земјоделки не ги признава за работнички, велат од Комисијата за дискриминација, и упатило проблемот да го решат други министерства.
„Таа програма во Министерството за земјоделство постои, но никој не може да ја најде. Невидлива е. Затоа во 2023 година биле поднесени само 4 барања за надомест за породилно, а добила само една земјоделка. Износот бил еднократнен, 100.000 денари. Во 2024 година биле поднесени 6 барања, пак добила само една жена, и тоа намалена сума од 80.000 денари. Другите не исполнувале услов. А еден од условите е приходите во целоето нејзино домаќинство, значи заедно со тие на мажот, свекорот, свекрвата и други кои и да се во нејзиното домаќинство, да не се поголеми од 50.000 денари“, реагираат тужителите.
Комисијата и Хелсиншкиот комитет велат дека ваквата дискриминаторска состојба на индивидуалните земјоделки го доведува во прашање планирањето на семејство, мајчинството, нормалниот живот и здравствената состојба.
„Бремените земјоделки се свиткани на нива со големи стомаци до последен ден, до породување. Кога ќе се породат, веднаш се враќаат на поле, што е рано и опасно, но тие се без 9-месечно платено породилно отсуство како останатите работнички во државата и се принудени да го ризикуваат своето и здравјето на новороденчињата за да обезбедат егзистенција“, велат подносителите на тужбата.
Вака според нив, ниту земјоделие ќе се развива, ниту земјоделките ќе мислат да раѓаат.
С. К. ДЕЛЕВСКА
Можеби ќе ве интересира и ова: