ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ РЕМЕНСКИ, БОКИ 13 И ЈАСНА МАНДИЌ ЗА ИЗМАМИТЕ СО „МЕЃУНАРОДЕН СОЈУЗ“, КАЈ ТАТКОТО НА БОКИ 13 НАЈДЕНИ ТРИ ПИШТОЛИ

    ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ РЕМЕНСКИ, БОКИ 13 И ЈАСНА МАНДИЌ ЗА ИЗМАМИТЕ СО „МЕЃУНАРОДЕН СОЈУЗ“, КАЈ ТАТКОТО НА БОКИ 13 НАЈДЕНИ ТРИ ПИШТОЛИФросина Ременски на распит кај Вилма Русковска во Обвинителството за организиран криминал и корупција (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе обвинение против пет лица за кривичните дела Измама, Перење пари и Примање награда за противзаконито посредување по спроведената истрага, во која беа опфатени пратеничката на СДСМ Фросина Ременски Ташевска, Бојан Јовановски-Боки 13, татко му Миле Јовановски, заменик-претседателката на „Меѓународен сојуз“ Јасна Мандиќ и нејзината асистентка. Обвинение е поднесено и против невладината организација на Боки 13 „Меѓународен сојуз“.

    Боки 13 е првообвинет за Перење пари и Измама, а Ременски, Мандиќ и асистентката се обвинети за помагање во извршување на кривичното дело. Таткото на Боки 13 е обвинет за помагање при Перење пари, како и за Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, бидејќи, како што соопшти обвинителството, кај него се најдени три полуавтоматски пиштоли и муниција, кои ги држел неовластено во својот дом.

    Според обвинението, Ременски со својот углед и авторитет го поддржувала Боки 13 на средбите со оштетените, давајќи му совети и упатства за да оштетените стекнат доверба во наводниот проект и однапред да уплатат одреден износ пари и да ги потпишат договорите. Оштетени во случајот се бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, кои му платиле 719.905 евра и 233.821 евра на Боки 13.

    „Во периодот од 08.07.2017 година до 13.04.2018 година првообвинетиот како претседател на обвинетата невладина организација, со намера за себе да прибави противправна имотна корист ги искористил документите од правното лице и две оштетени лица – управители на друштва ги довел и одржувал во заблуда. Тој лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата и оштетените вака доведени во заблуда на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција износи кои надминуваат значителна вредност и тоа 719.905 евра, односно 233.821 евра во денарска противвредност. Тројца обвинети со умисла му помогнале на првообвинетиот во измамата. Две обвинети лица му ставиле средства на располагање – ги изготвувале договорите, ги подигале уплатените пари и му ги давале на рака на првообвинетиот и со умисла му помагале да ги пушти во оптек иако знаеле дека потекнуваат од кривично дело Измама и Примање награда за противзаконито посредување. Второобвинетата откако првообвинетиот ќе и дадел готовински средства, иако немала никакво легално покритие, ги уплаќала во вид на донација или по основ на позајмица на правните лица поврзани со првообвинетиот. Третообвинетата со својот углед и авторитет го поддржувала првообвинетиот на средбите со оштетените, давајќи му совети и упатства за да оштетените стекнат доверба во наводниот проект и однапред да уплатат одреден износ пари и да ги потпишат договорите“, се вели во соопштението на Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    Според обвинението, Миле Јовановски иако знаел дека парите потекнуваат од кривично дело, со умисла му помогнал на Боки 13 да ги пушти во оптек, па откако првообвинетиот ќе му дадел готовински средства, тој ги уплаќал на својата девизна сметка, дел пренесувал на сметките на правните лица по основ на поврат на позајмица, дел ги подигал во готовина и ги уплаќал на правните лица по основ на позајмица, а за сето тоа нема легално покритие.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира