Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против три лица за кривичното дело Загрозување на животната средина и природата.
Тројцата обвинети од 2020 до 2 септември 2025 вршеле откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење дејност управување со отпад.
Според ОЈО, тие вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпадот, со што создале диви депонии, кои биле констатирани при настанат пожар на дел од локацијата. Со тоа, обвинетите влијаеле врз квалитетот на почвата и воздухот и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето. Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за тројцата обвинети.
- ОЧЕКУВАМ ЧАДЕЊЕТО НА „ДРИСЛА“ ДА ЗАПРЕ ДО ВЕЧЕР, НА „ВАРДАРИШТЕ“ СЕГА ИМА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, КАЖА АНГЕЛОВ
Во врска со причините за пожарот на „Вардариште“, ОЈО Скопје издава повеќе наредби со цел откривање на други сторители на кривични дела.
За пожарот на депонијата „Дрисла“, до овој момент до ОЈО Скопје не е поднесено известување или кривична пријава од надлежните органи. Обвинителството вели дека ја следи состојбата и доколку утврди дека со кривично-правни дејствија била загрозена животната средина, ОЈО Скопје веднаш ќе постапи.
Г. КОНЕВ