По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен акт против три лица за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Меѓу обвинетите е и 19-годишна девојка, која паднатиот, тешко повреден ракометар, според видеоснимката која беше објавена, се врати да го доклоца.
Наскоро ќе почне судењето во Основниот кривичен суд Скопје.
Обвинетите, на 7 април, пред ноќниот турбо-фолк клуб „Привилиџ“ во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај нападнатиот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден тој почина.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети, бидејќи сè уште постојат околностите поради кои таа мерка им беше определена во текот на истрагата.
Обдукцијата врз 27-годишниот Тот, утврди веднаш дека иако нема видливи повреди, смртта беше насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари.
Хрватскиот интернационалец Тот, кој играше на позицијата десен бек, премина во скопскиот суперлигаш пред почетокот на оваа сезона, откако претходно настапуваше за Охрид. Во кариерата го носеше и дресот на хрватските клубови Ѓаково, Пореч и Бјеловар, Адемар Леон (Шпанија) и Брик (Австрија).
С. К. ДЕЛЕВСКА