Скопското јавно обвинителство по обемна истрага, поднесе обвинение против кардиохирургот Жан Митрев и неговата болница Филип Втори, за кривично дело „измама”. За ова дело е предвидена казна затвор од една до 10 години.
За Митрев е поднесен обвинителен акт, а за правното лице, болницата, кое може да се казни само парично, поднесен е обвинителен предлог.
Лицата се држени во заблуда, со прикривање факти во однос на лекувањето на пациенти, велат од обвинителството.
Оваа истрага беше отворена по допрен глас, по прилогот на ИРЛ. Го работел новиот истражувачки тим во ОЈО Скопје.
Митрев се товари дека со прикривање факти, ги донел во заблуда пациентите болни од ковид дека хемофилтрацијата лечи од ковид. Попрецизно, дека ги лекува тешко болните пациенти, со компликации.
Во светот се применува хемофилтрација, но никако како алтернативен метод на лекување, како што според обвинителството, ги доведувал во заблуда Митрев, со цел да стекне противправна имотна корист.
Во светот има студии за можна примена, можни ефекти на примената на хемофилтрација, но има и студии за ризици ако се применува. Не да се рекламира како начин на лекување, како што според обвинителството, го правел Митрев, со цел нелегално да стекне профит.
Во обвинението не се државните институции кои го слушале Митрев како го рекламирал овој метод како лек, а ништо не презеле.
Тоа не е кривична одговорност, смета обвинителството. И во други држави се користел овој метод, но на семејствата им ги кажувале овие факти како и фактот дека хемофилтрацијата не е алтернатива која лекува. Не им биле криени факти и не биле доведувани во заблуда.
Материјална штета т.е. износот на земените пари за хемофилтрација што ја утврдила истрагата, е 97,5 милиони денари. Односно, ако биде осуден, Митрев без материјалната штета што би ја барале оштетените пациенти или нивните семејства во граѓанска постапка, треба да плати 1,6 милиони евра.
За поднесеното обвинение, од болницата „Жан Митрев“ велат дека станува збор за лакрдија од неосновани напади, која што ќе мора да се докаже на суд.
„Се гледаме на суд е нашиот одговор на денешната одлука на Основното јавно обвинителство да се гони д-р Жан Митрев за измама. Оваа лакрдија од неосновани напади на суд ќе мора да се докаже, а ќе биде тешко да се докаже бидејќи вистината е дека ниту еден пациент не бил измамен и сите третмани и процеси во болницата биле јавни и транспарентни и во интерес на пациентите. Со тоа на суд ќе падне и самото обвинение на ОЈО“, се вели во соопштението од болницата.
Оттаму додаваат дека болницата работи според највисоки здравствени стандарди, транспарентно и во согласност со веќе утврдени и дозволени методи на лечење, кај нас и во светот.
С. К. ДЕЛЕВСКА