Скопското обвинителство поднесе обвинение против две лица на возраст од 32 и 21 година, кои се товарат за кривично дело Производство и дистрибуција на детска порнографија, соопшти Јавното обвинителство. Двајцата се обвинети дека во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, како основач и модератор на групата „Јавна соба“ на мобилната апликација Телеграм, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудиовизуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата.
„Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете“, велат од обвинителството.
Надлежниот обвинител поднел до судот барање за продолжување на мерката притвор за двајцата обвинети, поради опасност од бегство, можност за влијаење врз сведоци и оштетени и за прикривање на трагите за стореното дело. Оваа, прва група „Јавна соба“, е згасната.
За предметот „Јавна соба 2“ уште се води предистрага, велат од обвинителството. Преку МВР тие поднеле барање до „Телеграм“ да им ги даде податоците за членовите на групата, но одговор нема.
„Основното јавно обвинителство Скопје преку Министерството за внатрешни работи на 27.01.2021 година се обрати до Меѓународниот сервис провајдер за услуги – Телеграм, за да ги добие реалните податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата. До овој момент од социјалната мрежа ‘Телеграм’ не е добиен одговор на ваквото барање. Овие податоци се неопходни со цел да се утврди идентитетот и Обвинителството да може кривично-правно да постапува против лицата инволвирани во оваа група“, велат од обвинителството.
Обвинителството побарало меѓународна правна помош од Велика Британија за да дојде до податоците, но нема ни оттаму одговор.
М. ИЛИОСКИ