Скопското обвинителство поднесе обвиненија против четири лица за кривичното дело Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа, во врска со инцидентите на Денот на албанското знаме – 28 Ноември. Тројца од нив се обвинети за палење, уништување и кинење на државното знаме, а еден е обвинет за палење на албанското знаме четири дена подоцна.
„Тројца од обвинетите на 28 ноември, по повод прославите на Денот на албанското знаме, со палење, уништување и кинење на државното знаме на Република Северна Македонија предизвикале чувства на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност и го изложиле на подбив националниот симбол. Четвртиот обвинет, неколку дена подоцна, на 2 декември, со палење го оштетил знамето на друга држава – Република Албанија, со што исто така предизвикал омраза и нетрпеливост. Дејствијата на сите обвинети предизвикале говор на омраза што на критичните денови се манифестирал особено на социјалните мрежи со тенденција да прерасне во нови инциденти на насилство“, соопштија од Основното јавно обвинителство Скопје.
За четворицата на кои во текот на претходната постапка им беше определен притвор, јавните обвинители побараа од Основниот кривичен суд Скопје да им ја продолжи притворската мерка.