Основното јавно обвинителство Кавадарци денеска поднесе Обвинителен предлог против 43-годишен жител на Росоман за кривично дело – Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик, а всушност е напад врз новинари.
Досега вакво кривично дело јавноста среќаваше само кога се однесуваше на напад на полицајци.
„Обвинетиот, на 18 јули, на регионалниот пат Градско-Прилеп во близина на Росоман, спречил новинари и сниматели да вршат службени дејствија, односно да снимаат прилог за сообраќајна несреќа. Тој најпрвин со агресивен тон и навреди се обратил кон снимател на Телевизија 24 и кон новинар на МРТ, а потоа со ногата удрил во сталакот на една камера и ја оштетил. На овој начин новинарите биле спречени во нивната работа и го прекинале снимањето“, соопшти Обвинителството.
Собранието ги донесе измените на Кривичниот законик во февруари годинава, со што напади врз новинар се третира како напад врз службено лице, а со тоа и напаѓачите може да добијат затворска казна. Истото важи и за нападите и заканите врз адвокати и здравствени работници.