ПОГРЕБИТЕ ДА СЕ ВРШАТ ВО НАЈТЕСЕН КРУГ, А АКО ПРОДОЛЖАТ ВЕРСКИТЕ СОБИРАЊА ЌЕ БАРАМ НАЧИН ДА СЕ ЗАБРАНАТ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ПОГРЕБИТЕ ДА СЕ ВРШАТ ВО НАЈТЕСЕН КРУГ, А АКО ПРОДОЛЖАТ ВЕРСКИТЕ СОБИРАЊА ЌЕ БАРАМ НАЧИН ДА СЕ ЗАБРАНАТ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ„Ја разбирам емотивната состојба во случаи на погреби, ама може овој период погребите да се прават во најтесното семејство“, рече министерот Филипче. (Фото: K. Попов )

    Министерот за здравство Венко Филипче апелираше до сите граѓани погребите да се прават во најтесниот круг на семејствата во периодов на ширење на коронавирусот.

    „ Апелите важат за сите. Пораките важат за сите. Никој не смее ни да помисли да ги прекрши овие препораки. Секој кој ќе ги прекрши ќе биде санкциониран. Тоа се сериозни прекршоци. Никој не смее да си дозволи да го загрози јавното здравје. Ја разбирам емотивната состојба во случаи на погреби, ама може овој период погребите да се прават во најтесното семејство. Нека останат тие собирања за понатаму. Ако продолжат и верските собирања, јас ќе побарам од Владата соодветен начин стриктно да се забранат“, рече министерот.

    Филипче додаде дека разговарал со директорката на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје, и дека конкретно за одделот „Сју Рајдер“, каде се сместени пациенти кои се најризична категорија за овој вирус, апелирал да се ограничи приемот.

    „Важат правилата за итност, но разговаравме дека треба да се спласне со притисокот“, кажа тој.

    Имаше и новинарско прашање дали смее да се реновира дома, на што Филипче одговори: „Реновирањето може да почека“.

    Според последните информации, во земјава има 26 регистрирани случаи на КОВИД-19.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира