Директорот на МНТ во оставка Драган Спасов Дац вели дека тоа што своеволно се повлекол од функцијата по вчерашната сообраќајка во која што удри пешак го прави различен од оние против кои се борел на протестите против претходната влада.
„Моето учество во протестите против погубното владеење на претходната Влада најнапред во непочитувањето на уставот и законите, во крајна линија трајното нарушување на јавнот морален дискурс – не беа без причина. Јас се борев против оние за кои не важеа никави правила. Со мојот своеволен избор и следствено оставка, сакам да истакнам дека сум поинаков од оние против кои се борев. Чувствувам немерлив срам, вина и одговорност“, напиша Дац на неговиот профил на Фејсбук.
Во објавата на социјалната мрежа, објаснувајќи го, како што тој го нарекува, сообраќајниот инцидент кај „Шампионче“, тој тврди дека неколку минути пред настанот имал испиено една чашка алкохол, поради што при алко тестот на лице место, неговиот наод бил позитивен.
„Вчера вечер враќајки се со мојот автомобил кон дома, кај “Шампионче”, се случи сообраќаен инцидент во кој учество имав јас и девојка на возраст од дваесетина години. Факт е дека среќата беше на наша страна (на девојката и моја), при што девојката беше апсолутно неповредена. Сочекавме увидна екипа на МВР на место на настанот а потоа девојката, јас и мојата сопруга, заминавме заедно до првата здравствена установа на превентивен преглед (за секој случај ) каде е утврдено дека девојката е неповредена. За нејзиниот претрпен страв и стрес немам право да зборувам. Мојата претпоставена вина е што неколку минути пред настанот имав испиено една чашка алкохол, поради што , при алко тестот на лице место, мојот наод беше позитивен“, вели Дац, притоа извинувајќи ѝ се на девојката и на нејзиното семејството за претрпениот страв и стрес.