Јавен обвинител од скопското Основно јавно обвинителство поднесе обвинение до Основниот кривичен суд Скопје против едно лице за кривичните дела Насилство и Спречување на службено лице во вршење службено дејствие во врска со упадот во редакцијата на онлајн медиумот „Инфомакс“.
Обвинетиот се товари дека на 10 декември извршил грубо насилство спрема двајца новинари на „Инфомакс“ и гостинот во нивната емисија, со што ги спречил во вршење на професионалната дејност.
„Додека емисијата ‘Тешки муабети‘ се емитувала во живо на Јутјуб и на социјални мрежи, обвинетиот пишувал навредливи и заканувачки коментари за еден од новинарите поради критиките што во емисијата биле упатувани кон премиерот. Потоа обвинетиот дошол на адресата на која се наоѓа студиото, ја обил влезната порта, ги искршил влезната врата од објектот и вратата на студиото, па како резултат на тоа емисијата била прекината“, велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека еден од оштетените се обидел да го задржи обвинетиот да не влезе во студиото, но тој продолжил да вика и да им се заканува по живот, ги пцуел и навредувал присутните, а се обидувал и физички да ги нападне, замавнувајќи со рацете и фрлајќи со чаша кон нив. Оштетените повикале полиција, а во меѓувреме успеале да го смират обвинетиот и да го извадат на улица. Со насилничките дејствија обвинетиот предизвикал чувство на несигурност и страв кај оштетените и други присутни лица.
Медицинското вештачење на обвинетиот покажало дека и покрај неговата претходна душевна здравствена состојба, тој го извршил делото во состојба на пресметливост. Согласно тоа, јавниот обвинител достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.
Основното јавно обвинителство Скопје вели дека приоритетно постапува во сите предмети кои се однесуваат на евентуални напади врз новинари и загрозување на слободата на говор.



