По наредба на Обвинителството за организиран криминал и корупција, утринава се приведени петмина вработени во Општина Тетово, а Одделот за организиран криминал во МВР го бара членот на Судскиот совет Зоран Теофиловски.
„Точно е дека утринава се приведени пет лица од Општина Тетово, а и едно лице сè уште полицијата не може да го најде. И натаму трае потрагата по шестото лице за кое е распишана наредба за истрага. Се работи за незаконска легализација и за приватизација на атрактивно земјиште“ вели за САКАМДАКАЖАМ.МК шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска.
Обвинителството ја водеше предистрагата околу една година. Покрај приведните петмина, во истрагата се уште четири лица, а Теофиловски и деветтемина се гонат за Злоупотреба на службена положба и овластување.
Неофицијално се работи за нелегално стекнато атрактивно државно земјиште, како и бесправна легализација во врска со поранешното Тениско спортско Здружение Љуботен Тетово, чиј поранешен претседател е членот на Судскиот совет. Објектот наводно го поседува судијата Теофиловски под друго име. Тој е зет на поранешната претседателка на Судскиот совет Александра Зафировска, позната од бомбите по соработката со Груевски за време на изборот на судии.
С. К. ДЕЛЕВСКА