Град Скопје вели дека речиси половина од новогодишните пакетчиња, за кои на 6 декември распиша тендер од 9.000 евра, се наменети за штитениците од СОС Детското село и други деца од ранливи групи во реакцијата на текстот „Коце ќе потроши 15.000 евра на новогодишни пакетчиња и подароци за градската администрација“. Дел од пакетчињата ќе им бидат поделени на децата на вработените во градската администрација, додаваат од Град Скопје.
„Речиси половина од пакетчињата се наменети за штитениците од СОС Детското село, невладината организација Деца на улица, како и за членовите на невладината организација Деца на зависници. За волја на вистината дел од пакетчињата ќе им бидат доделени на дечињата на вработените во градската администрација и во Противпожарната бригада на Град Скопје, што е практика на сите работодавци“, реагираат од Град Скопје.
Градот на 15 декември објави и тендер за набавка на деловни подароци, односно кожни чанти. Ќе се купуваат 55 чанти, 20 женски и 35 машки чанти. За оваа намена од буџетот на Град Скопје се одвоени 300.000 денари без ДДВ или нешто под 5.000 евра, што значи дека една чанта ќе чини нешто помалку од 100 евра. Со вклучено ДДВ од 18 отсто чантите за новогодишен подарок ќе чинат околу 5.800 евра.