ПОЛОВИНА ОД ЖЕНИТЕ БЕЗ МАТИЧЕН ГИНЕКОЛОГ, ДОКТОРИТЕ ОД БОЛНИЦИТЕ ЌЕ ДАВААТ И УСЛУГИ НА МАТИЧНИ ГИНЕКОЛОЗИ

    ПОЛОВИНА ОД ЖЕНИТЕ БЕЗ МАТИЧЕН ГИНЕКОЛОГ, ДОКТОРИТЕ ОД БОЛНИЦИТЕ ЌЕ ДАВААТ И УСЛУГИ НА МАТИЧНИ ГИНЕКОЛОЗИПоголем проблем е што матичните гинеколози се повозрасни и пред пензија, како и недостатокот од акушерки, па невладиниот сектор побара долгорочни мерки. (Фото: СДК.МК)

    Во многу региони, особено во руралните средини, жените немаат матичен гинеколог иако бројот на доктори во споредба со бројот на жители е во линија на Европската унија, рече Елизабета Божиновска, програмска директорка на невладината ХЕРА, на панел дискусијата за гинекологија и акушерство на годинешното издание на фестивалот за феминистичка култура „Прво па женско“. Таа кажа дека последните две години е намалена доенечката смртност, но дека во однос на просекот на ЕУ сѐ уште е висока, а тоа покажува каков е квалитетот на животот во земјата.

    Според неа, поголем проблем е што половина од матичните гинеколози се на возраст од 50 до 60 години и ако не се преземат мерки земјата може да се соочи со сериозен проблем, а загрижувачки е и малиот број на акушерки.

    „Добро е што беше донесен новиот закон за прекин на бременоста, но системот и натаму треба да се унапредува. Има региони каде воопшто нема гинеколози, како што се Демир Капија, Крушево и Демир Хисар. Постојат краткотрајни и долготрајни мерки, како да се искористат и семејните доктори, но и гинеколозите од болниците за да се надмине овој проблем. Исто така, треба да се позанимаваме и со незаконската наплата на партиципација од дел од матичните гинеколози, што особено за жените од ранливите групи е проблем“, рече Божиновска.

    Недостигот од гинеколози таму каде недостигаат многу скоро ќе се реши со тоа што од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) лекарите од болниците ќе добијат овластување да бидат и матични лекари, со тоа што ќе одат во здравствените домови и преку систем на ротација ќе даваат здравствени услуги, рече министерот за здравство Венко Филипче.

    „Сега во здравствените домови не може да се вработи гинеколог, а во одредени нема ни соодветна опрема. Наскоро за таму каде недостига ќе набавиме опрема за да може болничките гинеколози да даваат соодветни услуги и тоа треба да профункионира од септември. Со педијатрите, пак, тоа може уште веднаш да се направи“, рече Филипче.

     

    Дел од учесниците на панелот му препорачаа при набавката на нова опрема и при реконструкција на објектите тие да бидат пристапни и за лицата со попреченост.

    „Министерството за здравство ни обезбеди бесплатна програма за ромските жени кои се без лична документација и ги добиваат сите услуги во родилиштата и дел од гинеколошките прегледи. Но, не е секогаш така и бараме да има истакнато јасни правила кои од тие услуги се покриени преку програмите, а кои не се“, рече Љатифе Шиковска од здружението „Амбрела“, која е дел од 12 ромски медијатори ангажирани преку програми на Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира