Неодговорно е децата и понатаму да останат без настава, кога Владата во време на економска и енергетска криза понуди покачување на платите за 2.500 денари, велат од Владата, откако попладнево Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) ја одби понудата и најави дека штрајкот ќе продолжи и од утре.
„Синдикатот треба да има верба во институциите, бидејќи и претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21%. Со ова зголемување платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786 денари. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874 денари. На воспитувачите пак во градинките платата им е зголемена за околу 6.400 денари плус минат труд, додека на негувателите за околу 5.000 денари“, велат од Владата.
Од Владата велат дека е неодговорно и покрај понуденото решение за раст на платите во образованието и детската заштита и воспитание за 10 отсто, да се продолжи со штрајкот и да се руши веќе воспоставениот образовен процес во услови кога се соочуваме со економска и здравствена криза.
„Најдобриот интерес на децата треба да ни е на прво место, бидејќи правото на образование на секое дете е уставно загрантирано право. Учениците треба да се вратат во училиштата, таму каде што припаѓаат.Со продолжувањето на штрајкот и одбивањето на понудата на Владата со која се отвора простор за трајно решавање и подобрување на стандардот на вработените во образованите, ризикот за продолжување на училишната година е особено извесен. Во овој контекст, несериозно е да се ставаат во ризик и да им се прави штета во личниот развој на децата кои треба да го продолжат образованието, да се запишат во средните училишта, да полагаат матура и да се запишат на факултетите во земјава и странство“, додаваат од Владата.
Од Владата објаснуваат дека согласно Законот за работни односи и Колективниот договор за основно и средно образование, и за вработените во јавните установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, на вработените кои штрајкуваат ќе им се исплатат само придонесите на платите. Ова произлегува од одлуката на СОНК да организира и одржува генерален штрајк за унапредување на правата на работниците, а во периодот од шест месеци од донесувањето односно зголемувањето на минималната плата. Законската обврска за усогласувањето е шест месеци од донесувањето, односно зголемувањето на минималната плата и Владата, а министерствата и СОНК сѐ уште преговараат во овој законски предвиден рок.
А.АНТЕВСКА