Пописот на населението во Македонија ќе се спроведе од 1 до 21 април 2020 година, кажа директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во интервју за МИА.
Планирано е да бидат ангажирани околу 5.000 попишувачи, при што ќе се користи комбиниран метод: податоци на терен и податоци од регистри. Се проценува дека процесот ќе чини 8,5 милиони евра.
Тој изрази жалење за пропаднатиот попис од 2011 година.
„Во 2011 година не успеавме да го направиме. Без разлика кои биле причините, овој срам ќе го носиме уште долго време. Се надевам дека со спроведувањето на овој попис ќе успееме да докажеме дека, сепак, сме кадарна институција да направиме едно вакво статистичко истражување. Вината за претходниот неуспех мора да си ја признаеме, кога дозволивме влегување на политиката во пописот“, вели Симовски.
Овојпат, при пописот нема да се користат хартиени прашалници, туку ќе се користи лаптоп, со што за многу пократко време ќе се добијат конечните податоци.