На Клиниката за токсикологија ноќеска во 1 часот биле поплавени скоро сите лекарски канцеларии на вториот кат, болнички соби на првиот кат, Одделението и сметководство, ходниците на приземјето, чекалната сѐ до амбулантата на ОРЛ и дел од подрумските простории, изјави медицинскиот директор на Клиниката, д-р Данил Петровски за САКАМДАКАЖАМ.МК. Штетата дополнително ќе се утврдува, рече тој.
„Пукна радијатор во една лекарска канцеларија на вториот кат на Клиниката. Дежурната екипа веднаш ја повикала техничката служба за одржување на парно, но не успеале да го допрат истекот на водата во следните 40-тина минути. При што, повикано е лице од Клиниката кое помогнало да се сопре водата од главните вентили“, вели Петровски.
На 21 април, вработени од Клиниката преку писмо до медиумите реагираа за односот на в. д. организациската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, која меѓудругото не потпишува клучни документи, а кажаа и дека Клиниката веќе два месеца не е осигурана иако тоа е законска обврска.
Иљази беше назначена на 14 февруари, на ден пред формирање техничка влада, а вработените реагираат дека била поставена иако не ги исполнува условите пропишани со закон за директори, и оттогаш се случува дезорганизација, а не организација.
„Поточно, од нејзиното назначување за помалку од два месеца долгот на клиниката го зголеми за приближно два милиона денари, со дневно работно време од 4 часа и 30 минути, поточно на работа доаѓа во 10 часот, а работното време ѝ завршува во 14:30. Исто така, клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имот, осигурување на скапата медицинска опрема и осигурување од лекарска грешка, бидејќи в. д. директорката не сака да потпише затоа што не е прифатен нејзиниот брокер за осигурување и моментално Клиниката два месеца не е осигурана иако за тоа сме со закон обврзани. Поради одбивање да потпише согласност за договор на дело за двајца дипломирани биолози, токсиколошката лабораторија веќе два месеца не врши валидација на издадените резултати“, стоеше во писмото.
Д-р Петровски и понатаму ја извршува функцијата, иако министерот за здравство Илир Демири на 22 април најави дека ќе го разреши, а за Иљази кажа дека не утврдил прекршок.
На 22 април, доктори со долгодишно искуство од Клиниката на прес-конференција реагираа дека економската директорка Иљази не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно бутка да се вработат 18 лица на кои им истекоа договорите за дело на 31 декември 2023. Тие кажаа дека Иљази не знае македонски јазик и не може да се разберат со неа.
Демири после прес-конференциите на докторите од Токсикологија и на Иљази, рече дека пред три недели бил прашан од новинар за состојбата на Клиниката за токсикологија каде, како што му било кажано, 18 вработени не примиле плата четири месеци и дека во истата институција има за жал и навреди на национална основа.
„Просто не можев да поверувам, дури мислев и дека е провокација. Многу ми е жал, три недели ја испитав ситуацијата. За жал, констатацијата е вистината. Длабоко сум уверен дека луѓето кои ги користат ваквите испади и навреди не го мислат тоа. Навреди на национална основа. Не може доктор да мисли така и да се служи со таков речник. Ќе преземам сериозни мерки, директорот медицински денеска ќе го разрешам од позицијата, иако сме влезени во изборите. За економската директорка Бесија Иљази немам сознанија за прекршок“, рече министерот Демири.
Директорката на ДСЗИ, Рената Младеновски ни рече дека извршиле вонреден инспекциски надзор по добиена анонимна претставка од група на вработени на Токсикологија, поднесена поради незадоволство од работењето на клиниката во врска со статусот на здравствените работници и соработници, односно бесправно вклучување во работниот процес на вкупно 11 здравствени работници и соработници без никаков договор за вработување после 31.12.2023 и тоа 5 медицински сестри, 3 болничари, 1 лаборант и 2 биолози.
„Лицата со истечен договор на дело, по насоки на организацискиот директор, сѐ уште доаѓаат на работа во работна облека, но не им се даваат работни задачи од 01.04.2024. По насока од медицинскиот директор, вработените со истечен договор не се ставени на распоред за работа по оддел од 01.04.2024 и кажано им е дека се ослободени од обврски“, вели Младеновска.
Согласно извршениот вонреден инспекциски надзор, ДСЗИ донесе решение во кое се наведени 4 точки: здравствени услуги на клиниката да се укажуваат од страна на здравствени работници и здравствени соработници со важечки договори за вработување согласно закон, здравствени услуги на клиниката да се укажуваат од страна на здравствени работници со образование согласно закон, медицинскиот и организацискиот директор на клиниката да ги извршуваат непречено своите должности од самостојна и особено заедничка надлежност согласно закон. Управниот одбор на клиниката да одлучува во временски рокови согласно закон при непотпишување на акти од еден од двајцата директори кои се од заедничка надлежност на директорите.
Б. НЕСТОРОСКА