Во поранешниот Монопол, сега Тутунски комбинат во Скопје, денеска беше одбележана 83-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка. Пепо Леви, претседател на еврејската заедница во Македонија, во својот говор кажа дека не смееме да дозволиме заборавот да ги проголта македонските Евреи и да се заборават возовите на смртта.
„Може да има многу политички мотивирани приказни, но постои само една историска вистина. Во меморијалниот простор во логорот Треблинка, каде што се ставени камен-обележја со имиња на земјите од каде биле донесени жртвите, има и камен со натпис Македонија. Денес се оспорува тој камен, се бара негово преименување или отстранување поради политички спорови и внесување на дневна политика во масовна гробница. Сакам да порачам дека тој камен не е геополитичка формула, не е дипломатски став, тоа е историја на македонските Евреи, тоа е историја на Македонија. Тој камен е почит за 7.114 жртви кои таму немаат гроб, освен тој камен“, рече Леви.
На 11 март 1943, 7.144 Евреи биле депортирани и потоа убиени во логорот Треблинка. 98 проценти од еврејската популација во Македонија беше избришана, што претставува еден од највисоките проценти на уништување во цела окупирана Европа.
„Патот почна овде, во Монополот, во сточните вагони. Ладнокрвноста со која беа организирани овие транспорти останува еден од најстрашните докази за тоа колку брзо државниот апарат на нацистичка Германија, преку своите сателити бугарските окупатори, се претвори во совршена машина на смрт. Со печати, со списоци, со точен распоред на поаѓање, тие возови не однесоа само луѓе, ја однесоа душата на Скопје, Битола и на Штип“, додаде Леви.



