Пациентите од Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје во наредните пет месеци ќе бидат хоспитализирани во Психијатриската болница – Скопје и Oдделот за психијатрија во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, поради реновирањето на Клиниката, соопшти Министерството за здравтство. Детскиот оддел привремено ќе функционира во ГОБ „8 Септември“.
Градежните работи почнуваат на 15 мај и се очекува за пет месеци објектот да биде реновиран.
Објектот, како што велат од Министерството, ќе биде комплетно реновиран и ќе стане енергетски ефикасен преку проектот за подобрување на енергетската ефикасност што се финансира преку Светска банка, а го спроведува Министерството за финансии, во соработка со Министерство за здравство.
„Основни цели на проектот се намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор и поддршка за воспоставување и операционализација на одржлив механизам за финансирање на енергетска ефикасност во јавниот сектор. На Клиниката за психијатрија преку проектот ќе биде заменета електричната инсталација, осветлувањето, системот за греење, ќе биде поставен централен систем за ладење, ќе биде поставена термоизолација на објектот, ќе се изврши реконструкција на кровот, замена на прозорците и вратите“, додаваат од Министерството за здравство.
Клиниката за психијатрија е првиот објект од вкупно 18 здравствени објекти кои треба да бидат опфатени со проектот во компонентата наменета за подобрување на енергетската ефикасност на објекти од централно ниво.
Б. НЕСТОРОСКА